Бајрамовска- Мустафа: Сите прекршувања на избирачкото право да се пријават кај Народиот правобранител (ВИДЕО)

Граѓаните кои ќе забележат прекршување на избирачкото право, на денот на изборите, в среда, на 15 јули, помош можат да побараат од Народниот правобранител. Како да препознаат прекршување на избирачкото право и каква е постапката за пријавување, денеска во Скопски агол на „Слободна ТВ“зборуваше заменичката на Народниот правобранител, Васка Бајрамовска – Мустафа.

-Институцијата Народен правобранител, со години дава свој придонес во заштитата на избирачкото право на граѓаните со тоа што отвора бесплатна телефонска линија, на која граѓаните можат да пријавуваат каква било повреда, која што значи остварување на правото на глас, кое треба да биде тајно, неприкосновено. Тоа значи дека не смее врз никого да се прават притисоци, уцени или попречување од страна на надлежните органи кои треба да ги спроведат изборите. Токму во таа насока, нашите телефонски броеви се отворени уште на 25 јуни, на кои што граѓаните можеа да бараат совети во врска со остварување на правото на глас, од денот на увидот во избирачкиот список, се до можноста за гласање на болните и немоќните, но и заразените од Ковид 19, објаснува Бајрамовска.

Таа додаде дека помош од Народниот правобранител можат да побараат и во подрачните канцеларии низ државата.

-Имаме подрачни канцеларии во Битола, Куманово, Струмица, Штип, Кичево и Тетово. Со тоа, на граѓаните им е многу поблиску и поекономично, доколку имаат повреда на правото, да побараат помош од нашите локални канцеларии, и ние согласно надлежностите веднаш ќе постапиме. Тоа значи, доколку на некое лице му е оневозможено да гласа, веднаш телефонски контактираме со ДИК, или општинските изборни комисии, за да му се даде правото на глас. Доколку пак, се работи за повреда на прописите, сите забелешки се сублимираат во еден посебен извештај, за кој се информира јавноста, а потоа се доставува до надлежните органи, а на крајот на годината се доставува и до Собранието, на разгледување пред пратениците, додаде Бајрамовска – Мустафа.

Таа информира дека постерот на институцијата, Народен правобранител, со сите потребни информации, ќе го има изложено на секое избирачко место.

– Бесплатната телефонска линија на која можат граѓаните да се јават е 0800 54321, и сите кои сметаат дека им е потребна помош од Институцијата можат без двоумење да се јават, истакна заменичката на Народниот правобранител.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот