Бајрамовска-Мустафа: Многу деца сѐ уште немаат учебници, Царовска да ги ангажира инспекторите

Дебата меѓу Васка Бајрамовска-Мустафа и Мила Царовска / 17 септември 2021 / фото: 360 степени/Алсат ТВ

Државниот советник во Канцеларијата на Народниот правобранител, Васка Бајрамовска – Мустафа, во вечерашната дебата во „360 степени“ на телевизијата Алсат изјави дека секојдневно добиваат поплаки од родители на деца на училишна возраст, но и од невладини организации, дека на повеќе од две недели од почетокот на школската година, сѐ уште има недостиг од учебници.

„Имаме претставки кај Народниот правобранител доставени од родители и секојдневно примаме телефонски реакции. голем број од училиштата во државата се уште ги немаат обезбедено учебниците. Голем број од учениците одат на училиште без обезбедено учебно помагало. Законот за учебници за основно и средно образование е јасен дека учебникот претставува основно наставно средство и со почетокот на учебната година учениците ги добиваат учебниците. Меѓутоа, за жал, не секое дете после првиот училишен ден си замина од училиште со потребните учебници за следење на настава“, рече Бајрамовска-Мустафа и побара од министерката Мила Царовска да се ангажираат инспекциските служби околу ова прашање.

Царовска, од своја страна, вели дека годинава за првпат бројот на учебници кој бил побаран од страна на училиштата биле навремено доставени на 1 септември.

„Годинава сѐ беше навреме и учебниците и од откуп и од печатење беа пуштени во училиштата на 1 септември, односно бројот на побарани учебници од страна на училиштата. Можеби станува збор за поединечни предмети, кај кои нема учебник и тие нема да го добијат затоа што има повлечени учебници и тоа е систем кој со години си работел позадински неквалитетно и не биле доставувани навреме учебниците ниту со соодветниот број, а ние имаме увид во МОН дека се печатело со години во полн потенцијал или со вкупниот потребен тираж на учебници, а сега училиштата во даден момент алармираат дека немаат доволен број на учебници. На пример, учебниците за трето одделение не се печатат секоја година и тоа е во законското решение, се печати број на потребни учебници побарани од училиштата кон МОН“, рече Царовска.

Видео на денот