Бајден уверен: „Северен тек 2“ е лош договор за Европа

Фото: EPA-EFE/KEVIN DIETSCH / POOL

Американскиот претседател Џо Бајден смета дека проектот „Северен тек 2“ е лош договор за Европа, изјави портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки.

– Претседателот и натаму смета дека „Северен тек 2“ е лош договор за Европа, одговори Псаки на новинарско прашање „дали гасоводот бил тема на денешниот телефонски разговор меѓу Бајден и германската канцеларка Ангела Меркел и каков е ставот на новата администрација за тој проект“.

Таа додаде дека во Белата куќа е познато оти претходната администрација вовела нови ограничувања на активностите поврзани со гасоводот.

– Ќе ги анализираме тие мерки и претседателот планира да ги продолжи консултациите со нашите европски партнери околу тоа прашање, нагласи портпаролката.

Проектот „Северен тек 2“ подразбира изградба на два кратки гасовода, чиј вкупен капацитет изнесува 55 милијарди кубни метри гас годишно, од брегот на Русија, преку Балтичко Море, до Германија. Во изградбата на гасоводот учествуваат голем број европски компании.

Против изградбата на „Северен тек 2“ е Украина, која стравува дека ќе загуби приходи од транзитот на руски гас, како и повеќе европски земји, вклучително Полска, Летонија и Литванија, но и САД кои сакаат да го продаваат својот течен природен гас во ЕУ. Вашингтон смета дека ова е политички проект, кој претставува закана за енергетската безбедност на Европа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот