Бајден: „Токсичниот“ Трамп поттикнува насилства

Џо Бајден и Камала Харис / Фото: Olivier DOULIERY / AFP / Profimedia

Претседателскиот кандидат Џо Бајден го обвини претседателот Доналд Трамп дека ги поттикнал насилствата во Портланд и дека ги игнорирал повиците да не ја посетува Кеноша, градот во кој ситуацијата е крајно напната откако полицајци смртно застрелаа Афроамериканец.

– Присуството на Трамп е токсично. Трамп помина четири години труејќи ги вредностите што оваа нација секогаш ги сметала за драги, труејќи ја нашата демократија – изјави Бајден во Питсбург, во рамките на предизборната кампања во Пенсилванија, која е една од клучните држави што може да го реши победникот на изборите во ноември.

Трамп два дена по ред објави серија твитови со критика до градоначалниците на Портланд и Кеноша – градови во кои има жестоки и масовни протести против полициското насилство и убиства.

Во Портланд во саботата беше смртно застрелан припадник на екстремна десничарска група, кога симпатизери на Трамп со неколку камиони поминале низ градот и стрелале топчиња со боја врз приврзаниците на движењето Црните животи се важни. Претседателот веднаш изрази сочувство за загинатиот екстремист, а на градоначалникот му порача: „Портланд е во валканици, и таков беше со години. Ако тој смешко од градоначалник не исчисти, ние ќе дојдеме да го направиме тоа“.

Трамп досега се воздржуваше да изрази жалење за животите на низата жртви на полициската бруталност, како на Афроамериканецот Џејкоб Блејк, кој остана парализиран од седумте куршуми што во него без јасна причина ги истрелаа полицајци во Кеноша.

Трамп синоќа требаше да ја посети Кеноша, наводно за да придонесе за смирување на тензиите, наспроти низата повици дека неговото присуство може само уште повеќе ќе ги разгори нередите.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот