Бајден: САД се подготвени да го водат светот

Џо Бајден и Камала Харис / Фото: EPA-EFE/JIM LO SCALZO

САД се подготвени да го водат светот, изјави синоќа  новоизбраниот американски претседател Џозеф Бајден, претставувајќи го својот дипломатски и национален тим за безбедност на идната влада.

-Тоа е тим што го рефлектира фактот дека Америка е вратена, подготвена да го води светот, а не да се повлекува од него, рече Бајден од Вилмингтон, алудирајќи на пресвртот во надворешната политика, пренесуваат светските агенции.

Новоизбраниот претседател ја повтори својата одлучност да се бори против климатските промени, претставувајќи го својот иден специјален пратеник за ова прашање, Џон Кери.

-Сакам да бидам јасен. Ниту за секунда не ги потценив тешкотиите во исполнувањето на моите смели заложби за борба против климатските промени. Но, истовремено, никој, ни за секунда, не треба да ја потценува мојата одлучност да го сторам тоа, рече Бајден.

Кери ја повика меѓународната заедница да биде поамбициозна во борбата против климатските промени, што е еден од приоритетите на Бајден.

Идниот шеф на дипломатијата, Ентони Блинкен, на собир кажа дека ќе се залага за меѓународна соработка во решавањето на светските проблеми.

-Не можеме сами да ги решаваме светските проблеми, мора да работиме со другите земји, кажа дипломатот, истакнувајќи ја потребата од „соработка и партнерство со странските земји”.

Идната американска амбасадорка во Обединетите нации, Линда Томас-Гринфилд, рече дека мултилатерализмот се вратил во САД.

-Сакам да кажам дека Америка се врати, мултилатерализмот се врати и дека дипломатијата се врати, рече таа. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот