Бајден: САД ќе се спротивставуваат на обидите на силните држави да доминираат над послабите држави

  Претседателот на САД, Џо Бајден денеска за првпат настапи пред Генералното собрание на ОН во својство на шеф на државата. 

Во своето обраќање пред ГС тој истакна дека државите треба да соработуваат како никогаш досега за да се справат со глобалните предизвици. 

-Го завршивме дваесетгодишниот конфликт во Авганистан и завршувајќи ја таа ера на непрекината војна, започнуваме нова – ера на неуморна дипломатија, изјави Бајден. 

Тој истакна дека има намера да користи разнострани институци за решавање на меѓународни проблеми, пред сѐ проблемите во индо-тихоокеанскиот регион. 

Првиот човек на Белата куќа укажа дека воената моќ на САД сама по себе претставува инструмент што треба да биде употребен само во краен случај. 

Тој истакна дека САД ќе се спротивставуваат на обидите на силните држави да доминираат над послабите држави. Според Бајден, САД се подготвени да соработуваат со секоја земја која е водена од мирољубиви цели. 

Истакна дека Америка има намера да издејствува целосна денуклеаризација на Корејскиот полуостров и дека нема да дозволи Иран да развие нуклеарно оружје. Ја истакна цврстината на американската поддршка за Израел и повторно го искажа ставот за решението за две држави во однос на Палестина и блискоисточните проблеми. 

Бајден укажа на поддршка на сите кои се борат за почитување на човековите права, слободата и демократија, напоменувајќи ги и Јужен Судан, Чеченија и Молдавија. 

Претседателот изјави дека САД наскоро ќе изложат дополнителни обврски околу борбата со пандемијата. Тој истакна и дека има цел да работи со Конгресот за да се дуплира финансирањето на меѓународните програми за помош на земјите во развој за борба со климатските ромени.  

Бајден беше изложен на критики поради хаотичното повлекување од Авганистан, и договорот со Австралија за трансфер на технологии за изградба на никлеарни подморници, што предизвика гнев во Франција, клучен сојузник на САД во отпорот кон Кина.  

Тој се надева да истакне убедливи докази дека САД остануваат сигурен сојузник за своите партнери низ целиот свет после неколку години одбележани со мотото „Америка на прво место”, промовирано од поранешниот претседател на САД, републиканецот Доналд Трамп. 

-Америка се врати. Ние веруваме во Организацијата на Обединетите Нации и нејзините вредности, изјави Бајден синоќа пред средбата со генералниот секретар Антонио Гутереш

Видео на денот