24.8 C
Скопје

Бајден реши да го зачисти европскиот балкански двор

Американското интензивирање на балканската стратегија е само повторување на историјата, кога Европа ќе заглави во балканската кал, доаѓа американскиот булдожер.

После пораките на американската администрација за зголемено американско интересирање за Балканот и формалното ставање на Балканскиот полуостров во еден од 5 најголеми приоритети на САД, американскиот претседател Џо Бајден направи и чекор повеќе.

Следната недела првиот човек на најмоќната светска сила доаѓа во Брисел каде со европските челници ќе потпише заедничка декларација во која ќе се зборува за главните балкански проблеми: нерешените историски прашања и корупцијата.

Американците веќе прилично директно бараат од Европската унија да го врати кредибилитетот на Балканот и да ги земе (изгубените) работи во свои раце. Приоритет во решавањето на проблемите е косовското прашање, и повеќе е од извесно дека Вашингтон и Брисел ќе инсистираат на зголемување на интензитетот во потрагата по решение. Втор приоритет е интеграцијата во ЕУ на балканските земји, а таа е заглавена кај Србија и Црна Гора но и кај Албанија и Северна Македонија. Врзивно ткиво за сите овие нерешени прашања е ендемската корупција која ги разјадува балканите.

Големите источни сили Русија и Кина доста успешно ги користат бескрајните апетити на балканските клептомани и ја користат корупцијата како алатка за остварување на своите политичко – економски цели. Ние во Македонија можевме и лично да слушнеме како изгледа тоа, кога поранешниот премиер Груевски разговараше со тогашниот министер Јанакиески за кинеските кредити и прашување “колку милиони не е многу да се земе”.

Американците сега корупцијата не ја гледаат само како криминален туку како безбедносен проблем, бидејќи корупцијата предизвикува дестабилизација на земјите и тоа според Вашингтон мора да се пресече на ефективен начин. Американското интензивирање на балканската стратегија е само повторување на историјата, кога Европа ќе заглави во балканската кал, доаѓа американскиот булдожер. Македонија е исто така пример што се случува кога ќе се измешаат европските и светските геополитички интереси и ќе се заглават процеси кои влијаат врз поширока и подолгорочна стратегија.

Во исто време соседна Бугарија ја погодија санкции врз политичари, бизнисмени и фирми кои се директно поврзани со коруптивните активности кои се составен дел од владите на Борисов. Санкции се најавуваат и за Македонија, но во овој случај не се соопштени имиња и така се поставува дамокловиот меч над главите на оние кои ги загрозуваат западните интереси.

Се влијае и преку турскиот претседател Ердоган кој користејќи го влијанието врз бугарските Турци отвара уште еден фронт против бугарската блокада, и тоа е опасно оружје бидејќи турската партија ДСП во Бугарија има рејтинг од околу 12% и по правило учествува во секоја влада. Со сегашната тесна ситуација без подршка на ДПС во Софија тешко може да се состави влада, и тоа ќе биде тежок залак за бугарските елити.

Настрана од локалното делување Вашингтон ги праќа политичките бомбардери и во срцето на Европа со пораките дека “ЕУ мора да го врати кредибилетот и да превземе одговорност за балканските работи”. Јасно е дека Вашингтон гледа дека неспособноста на Брисел да ги менаџира балканските непослушни деца продуцира поголем проблем кој се рефлектира и врз Јужното крило на НАТО и создава простор за влез на руските и кинески интереси.

Фасцинантна е брзината на средбите на премиерот Заев во последните месец дена, каде претседателот на македонската влада ненадејно лета во Брисел, Истанбул и Париз, и уште пофасцинантна е пораката на Макрон дека лично тој ќе се заложи за решавање на проблемот со Бугарија.

Сето тоа доаѓа со силното инволвирање на инаку далечната Португалија за балканските прашања, и во целата оваа политичка чорба има силен американски зачин кој во исто време е благ и лут, и може да се користи во комбинација со морковот и стапот.

Поврзани вести

Инфлацијата го јаде растот на платите

Ќе се градат нови и ќе се реконструираат старите патеки на Водно и на Матка

Елена Вељановска

ВИДЕО: Групата „Ван Гог“ прослави 35 години со нов спот за песната „Какво дивно вече“

Слободен печат

Дали вакцинираните со „Спутник“ ќе добијат трета доза?

Уценувани спортисти и полицајци чии интимни средби во мотел биле тајно снимани

Слободен печат

Заев: Ќе одам во Софија повторно и повторно и повторно…

Андреја Ристески

Остави Коментар