Бајден по средбата со семејството на Џорџ Флојд: Тие покажаа извонредна храброст
Американскиот претседател Џо Бајден денеска на состанокот во Белата куќа ја пофали „извонредната храброст“ на семејството на Џорџ Флојд, црнец убиен пред една година од бел полицаец во Минеаполис, што предизвика бран протести и го поттикна основањето на Движењето „Црни животи се важни“.
„Семејството Флојд покажа извонредна храброст, особено неговата ќерка Џиана“, рече Бајден во изјавата по состанокот со неколку членови на семејството во Овалната соба.
„Во пресрет на погребот на нејзиниот татко пред една година, Џил и јас го запознавме семејството и таа ми рече: „Татко ми го смени светот “, продолжи тој, заклучувајќи: „Тој го стори тоа“.
По состанокот со Бајден во Белата куќа, семејството на Џорџ Флојд го повика Конгресот на САД да усвои голем предлог-закон за реформи во полицијата за да се заштитат луѓето со обоена кожа.
„Ако можете да донесете федерален закон за заштита на еден вид птици, белоглавиот орел, можете исто така да донесете федерален закон за заштита на црнците“, рече братот на Џорџ Флојд, Филонис, по состанокот со американскиот претседател и потпретседателка Камала Харис.