Бајден категоричен пред сојузниците: Украина ќе го запре Путин!

Легенда фото - Јенс Столтенберг и Џо Бајден на Самитот на НАТО во Вашингтон - Фото ЕПА, Радек Пјетрушка

Самитот на НАТО во Вашингтон е сцена на која Бајден треба да се претстави во најдобра светлина, за да се потврди пред американските гласачи, спонзори и донатори дека е доволно енергичен и витален да ја води земјата уште еден четиригодишен мандат, наспроти возраста од 81 година и конфузните јавни настапи

Претседателот Џо Бајден им порача на сојузниците од НАТО дека Америка и тој лично со сите сили ќе ѝ помогнат на Украина да се одбрани од руската агресија.
Енергичното ветување се толкува дека е повеќе насочено кон Американците, отколку до нивните партнери. Самитот на НАТО во Вашингтон е сцена на која Бајден треба да се претстави во најдобра светлина, за да се потврди пред американските гласачи, спонзори и донатори дека е доволно енергичен и витален да ја води земјата уште еден четиригодишен мандат, наспроти возраста од 81 година и конфузните јавни настапи.

– Путин не сака ништо помалку, ништо помалку од целосно подјармување на Украина, да ја збрише Украина од картата – им порача Бајден на лидерите од НАТО во обраќањето како домаќин. НАТО денес е поцврст од кога било во историјата – додаде Бајден во салата во која пред 75 години била потпишана повелбата за основање на Северноатлантскиот сојуз.

Украина доминира на агендата на самитот. Бајден објави дека САД ќе ѝ достават Украина системи за противвоздушна одбрана „патриот“, покрај оние што веќе ги ветија Германија, Романија и Холандија. Во заедничката изјава се наведува дека „заедно со системот САМП-Т обезбеден од Италија, оваа поддршка ќе помогне да се заштитат украинските градови, цивилите и војниците од руските напади“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој е во посета на Вашингтон и треба да се сретна со Бајден, изјави дека на неговата земја ѝ се потребни најмалку седум системи „патриот“.

– Се бориме за нови безбедносни гаранции за Украина, за оружје и финансии и за политичка поддршка – изјави Зеленски.

Тој апелираше до сојузниците да не чекаат до ноември за да ѝ дадат помош на Украина, алудирајќи на неизвесните претседателски избори во САД. Демократскиот претседател Бајден ѝ дава цврста поддршка на Украина, а републиканскиот кандидат Доналд Трамп кога беше претседател се закануваше дека САД ќе се повлечат од членството во НАТО ако другите членки не ја почитуваат одредбата да издвојат по 2 отсто од домашниот производ за финансирање на заедничката одбрана. Американски разузнавачки офицер, кој инсистирал на анонимност, изјави за Ројтерс дека Русија навива за Трамп на изборите во ноември.

– Сите го чекаат ноември, во Европа, на Блискиот Исток на Пацификот, целиот свет го чека ноември и, искрено говорејќи, и Путин го чека ноември. Време е да се исчекори од сенката, да се направат смели одлуки, да се дејствува сега, а не да се чека ноември или кој било друг месец – изјави Зеленски пред Институтот „Роналд Реган“ спроти самитот на НАТО.

САД веќе ѝ испорачаа воена помош на Украина во вкупна вредност од над 50 милијарди долари, но во текот на зимата Конгресот со месеци блокираше нов пакет, што според Зеленски придонесло за напредувања на руските трупи на фронтот. Дури во април беше усвоен пакетот за испраќање помош на Украина во вкупна вредност од 61 милијарда долари, а Зеленски побара уште за време на летото двојно да се засили капацитетот за противвоздушна одбрана.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот