Бајден и се заблагодари на Вјоса Османи: Косово е во срцето на моето семејство

Џо Бајден. / Фото: EPA-EFE/JIM LO SCALZO

Американскиот претседател Џозеф Бајден и се заблагодари на косовската претседателка Вјоса Османи за постхумното одликување на неговиот син, наведувајќи дека Косово е во срцата на сите членови на неговото семејство.

По повод одлуката на Вјоса Османи постхумно да му додели медал на синот на Бајден, Бо, за неговиот придонес во напредокот на Косово, Бајден рече дека тоа е „голема чест” за целото негово семејство и оти „многу им значи”.

– Бо се заљуби во Косово, каде што отиде доброволно пред 20 години, за да ја поддржи независноста на Косово и вашата нова демократија и, пред сè, владеењето на правото. Во тоа време, Косово имаше свежи рани од војната и децении на тоталитарно владеење, рече Бајден.

Во пораката објавена денеска, што ќе се емитува в недела на церемонијата на доделувањето на медалот, Бајден рече дека пред 20 години, Бо „можел да види што може да се направи” на Косово и оти „иднината е можна” за Косово.

– Тој можеше да види дека е можна иднина за вашата горда земја, затоа беше толку посветен да обезбеди темелни истраги за воени злосторства. Сакаше да му помогне на Косово да изгради фер правосуден систем, способен да донесе правда и помирување, по одреден период во кој Слободан Милошевиќ беше суров кон вашата земја, рече американскиот претседател.

Тој, исто така, изјави дека со прифаќањето на медалот во име на неговиот син, „сака да укаже на неверојатниот напредок што Косово го постигна во последните 20 години“.

– Има уште работа што треба да се направи, во борбата против корупцијата, во заштитата на правата на етничките и верските малцинства, во градењето позитивни односи со соседните земји и во зајакнувањето на економскиот развој. Ве уверувам дека САД ќе останат сигурен партнер на Косово, додаде Бајден.

Тој исто така рече дека целото семејство Бајден е „длабоко трогнато” од одлуката на властите во Приштина да го именуваат патот во близина на базата Бондстил по Бо Бајден во 2016 година, една година по неговата смрт.

Бо Бајден, државен обвинител во државата Делавер, почина во 2015 година на 47-годишна возраст, од тумор на мозокот. Во Косово беше во 2001 година за да помогне во воспоставувањето судски институции и владеење на правото.

На церемонијата во недела, чиј домаќин ќе биде Османи, медалот ќе го преземе американскиот амбасадор во Приштина, Филип Коснет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот