Бајден и се обрати  на нацијата: Тука сме за вас

Џо Бајден
Џо Бајден / Фото: EPA-EFE/Oliver Contreras / POOL

Американскиот претседател Џо Бајден и се обрати на нацијата во врска со катастрофалните поплави предизвикани од ураганот Ида.

– Сакаме искрено да им се заблагодариме на сите оние кои работеа цела ноќ до утро за да спасат животи и да ја вратат електричната енергија во домаќинствата, изјави Бајден на почетокот на својот говор во Белата куќа.

Тој истакна дека шест лица загинале, а милион домови останале без електрична енергија во Луизијана и Мисисипи.

– Иако катастрофалните поплави не се толку големи како оние од ураганот Катрина пред 16 години, Ида беше толку силна што реката Мисисипи буквално го промени правецот, вели американскиот претседател.

Бајден истакна дека „благодарение на значајните федерални вложувања, системот за заштита од поплави околу Њу Орлеанс преживеа и ја заврши својата работа”.

Американскиот претседател утре ќе отпатува за Луизијана на средба со гувернерот и други локални претставници.

– Мојата порака до сите загрозени е дека заедно сме во ова. Нацијата е тука да помогне, рече Бајден.

Тој нагласи дека повеќе од шест илјади припадници на Националната гарда се ангажирани да помогнат.

– Државата ќе работи деноноќно за да им помогне на луѓето во погодените области. Користиме и нова технологија, Пентагон ни помага со сателитските снимки, а во спасувањето се вклучени и дронови, додаде Бајден.

Американскиот претседател ги критикуваше осигурителните компании дека се неподготвени среде ураган и дека не им исплатиле на луѓето за отштета.

– Се обраќам до приватните осигурителни компании, не се кријте зад техничките детали и малите букви од договорот, направете ја вистинската работа, истакна тој.

Бајден изјави дека ФЕМА (Федералната агенција за управување со вонредни состојби) досега им помогнала на луѓето во Луизијана со 77 милиони долари.

Тој на крајот испрати порака до граѓаните во Луизијана и погодените области.

– Тука сме за вас. Се грижиме одговорот на катастрофата да биде праведен, заклучи претседателот на САД

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот