Бајден и Харис на турнеја во северните сојузни држави на САД

Камала Харис и Џо Бајден / Фото: EPA-EFE/JIM LO SCALZO

Американскиот претседател Џо Бајден и неговата потпретседателка Камала Харис неделава се на турнеја во некои северни сојузни држави на САД. Целта на патувањето е да се демонстрира успешноста на нивната национална политика.

Бајден денеска е во посета на Њу Хемпшир, клучна сојузна држава во предизборната кампања за гласањето во Конгресот, закажано за ноември 2022 година.

Бајден и Демократската партија типуваат на тоа дека успесите со донесување бипартиски решенија и инвестиции во инфраструктурата, како и создавање нови работни места, привлекува симпатии кај избирачите.

Притоа, Републиканската партија, која е во опозиција, останува поделена околу улогата на екс-претсетседателот Доналд Трамп во нападот на Капитолот од страна на негови поддржувачи на 6 јануари, и неопходноста да се соработува со Бајден. Републиканците овој месец победија на клучни гувернерски избори, а главните пароли беа зголемената инфлација и даноци во време на претседателството на Бајден.

Актуалните анкети укажуваат дека рејтингот на Бајден е сѐ уште мал или се намалува.

Њу Хемпшир ќе биде полето за битка за две места во Претставничкиот дом и едно во Сенатот.

Во среда, Бајден заминува за Детроит, Мичиген, каде ќе се обрати до американските автопроизводители за новите инвестиции во развојот на електрични автомобили, а во петок, потпретседателката Камала Харис ќе настапи во Колумбус, Охајо.

За време на оваа турнеја демократите се надеваат да укажат и демонстрираат на избирачите од клучните сојузни држави од северниот дел на САД дека ги исполниле своите ветувања

– Се надеваме дека тоа ќе биде со ефект, изјави синоќа портпаролката Џен Псаки на брифинг.

Конгресните избори се секогаш тешка задача за партијата на власт. Изборите се точно за една година, но за демократите лошите резултати почнаа уште овој месец. Тие изгубија на гувернерските избори во Вирџинија и во Њу Џерси.

Во Њу Хемпшир, една анкета укажува дека 65 отсто од населението смета дека земјата оди во погрешен правец.

Бајден со својата посета сака да го промени таквото мислење.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот