Бајден, европскиот пат и нашите пиромани

Фото: Архива

Американскиот претседател го охрабри нашиот Заев да продолжи на патот по кој оди, го видовме тоа многу јасно и сликовито пред некој ден во Брисел, а оние другите, што ќе биде со оние другите? Тие секако се на „Црна листа“, само треба да се внимава: пред да палат, да не се самозапалат.

Американскиот претседател Џозеф Бајден удри на маса, од самиот тресок се размрда Западниот Балкан како да го поклопил огромен морски бран, а најповиканите најсилно вреснаа; во деновите што доаѓаат ќе се обидат да се соберат и да видат што им донесе неговата одлука, а што можеби – однесе.

Нашата десница нема на глас да признае, освен можеби оние кои ги краси „глупавоста“, а тоа е нашиот опозициски лидер Христијан „не ми е ништо“ Мицкоски и само за момент не рече – Бајден на црна листа го става Заев (каде може нешто без Заев?), а не нас, затоа што ако ние не бевме конструктивнa опозиција, и Заев немаше да биде толку добар – да ја пуштиме фантазијата до крај – колку многу целиот регион ќе беше во опасност, ако ние како опозиција и јас како лидер (м’ош мислит?) не водевме конструктивна политика.

Шегата на страна, Бајденовиот декрет за Западниот Балкан е нешто повеќе од „напипување на пулсот“ во режија на новата вашингтонска администрација. Всушност, дури би се рекло дека тоа е некој вид лично врачена порака на десничарските лидери од најпроблематичните делови на југоисточна Европа. Или, во пластичен превод: Договорот од Преспа не смеете да го допирате, билатералните спорови со соседите мора да ги решавате, мирот и стабилноста мора да ви биде во фокус, ништо друго не доаѓа предвид, и што побрзо разберете, толку подобро за вас. Дали пораката е разбрана? Немам сомнеж во тоа. А дали е, и како е прифатена? Тоа наскоро ќе го дознаеме. Тоа сознание, пак, нас нема нужно да не потресе, затоа што сите знаеме за кого и за што беше испратена „Црната листа“.

Што се однесува до останатите, „Црната листа“ уште некое време ќе се толкува онака како што им одговара, што во извесна смисла на зборот е сосема „нормално“ (што е дипломатија ако не бескрајно различни интерпретации за бескрајно исти работи?), ама тука постои нешто сосема друго кое не смее да се заборави.

Имено, Бајденовиот декрет/ултиматум за Западниот Балкан ја оствари својата замисла уште кога се реши Охридскиот договор, односно кога се реши Преспанскиот договор. Во таа смисла, ова е најсилната порака што некогаш еден американски претседател ја испратил за нашата земја. Неговата експлицитна порака значи дека Северна Македонија во симболична смисла повторно е на американската мапа, односно, Северна Македонија е „Оn the Road“ (Jack Kerouac). Или, да заострам уште малку: Северна Македонија излегува од гетото на културолошката „егзотика“ и влегува меѓу „нормалните“ европски држави, оние во кои се оди или се доаѓа намерно, а не во кои се забегува или во нив се живее заради некоја лична или колективна неволја.

Ова инстиктивно го разбраа и војските на таа парадесничарска опозиција, пред сите онаа груевистичката и мицковистичката, а дури потоа и онаа шашава „Левица енд десница“ на „жалниот“ Димче „са Велеса на привремена работа у Скупје“. Па, „бучно“ и мачно, во сиот параполитички фолклор, го осудија декретот на „проклетиот нацист“ Бајден „како таков“. Каква е таа политика, односно какво е тоа занимавање со политика, за местото на една земја во глобалниот поредок: да му се дереш на еден лидер кој претставува суперсила, па на тоа да додаваш инфантилни навреди, типични за уличари и паланечки ебиветри кои „критично“ им дофрлаат на улица на госпоѓите што ја преминуваат улицата?! Ваквиот призор најмногу му одговара на Зоран Заев. Ако ова е неговата алтернатива, ќе владее со Северна Македонија следниве 50 години!

Ова до сега беше наша, македонска приказна за декретот на Бајден. Што е со останатата, регионална приказна на Бајден? Малку луѓе знаат дека најважниот град на Бајден не е Скопје, Белград или Загреб, туку Сараево. Откако Ратко Младиќ ја доби пресудата, можеби сега Бајден ќе може да лобира кај неговите европски сојузници да се реши прашањето со Косово. Од друга страна, Бајден сака да им порача на Србите да не се размавтуваат премногу со идеите за „поделба на Косово“, оти со тоа е можно да потпалат некои фитили што подоцна тешко ќе може да се гаснат. Не звучи убаво кога вака се кажува, па да се обидеме да го кажеме на поинаков начин. И на начин што експлицитно е важен за нашата европска приказна.

Денес (барем додека се испишува овој текст), претпоставувам дека Бајден е во својата Бела куќа, а неговите „црнолисташи“ останаа овде, а богами и ние со нив. Не се сомневам дека Заев и неговата околина одлично знаат што треба да прават, не поради Бајден, туку поради нас – и воопшто не се сомневам дека тие чекори ќе ги направат најдобро што можат. Покажаа дека не само што ги следи храброста, туку докажаа дека ги следи знаење и неверојатно снаоѓање во просторот и времето. Оттука, американскиот претседател го охрабри нашиот Заев да продолжи на патот по кој оди, го видовме тоа многу јасно и сликовито пред некој ден во Брисел, а оние другите, што ќе биде со оние другите? Тие секако се на „Црна листа“, само треба да се внимава: пред да палат, да не се самозапалат.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Видео на денот