Бајага на 13-ти со концерт во Скопје: Љубовта ни е потребна како движечка сила

Љубовта ни е потребна како движечка сила, а јас, инаку, најубаво пишувам љубовни песни.  

Славеничкиот, 35 години јубилеен концерт на „Бајага и инструктори“ ќе се случува в недела, на 13 септември, на стадионот АРМ во Скопје, на отворено. Ова ќе биде прв концерт на Бајага откако започна пандемијата со ковид -19.

– Нашиот план беше многу порано да го направиме овој концерт, во декември направивме четири концерти во Сава Центарот со белградската филхармонија и со белградскиот хор, а планот беше овде да го реализираме концертот со македонскиот оркестар и со македонскиот хор. Мислам дека ќе биде многу интересен концерт – рече Бајага на прес конференцијата одржана денес.

Направен е избор на најголемите хитови кои ги имале „Бајага и инструктори“ во кариерата, односно ќе чуеме песни кои одлично звучат со голем оркестар. Направени се аранжмани за 22 песни кои сега ќе ги чуеме како звучат поинаку. Меѓу нив се, секако, и хитовите „Моите другари“, „Замижи“, „Рускиот воз“.

Бендот ќе настапи во стандардниот состав. Од почетокот на кариерата, во „Бајага и инструктори“ биле променети само два члена, додека останатите членови се со Бајага од 1984 година.

– Ретко ги менувам музичарите, вели Бајага, и додава дека во тоа е можеби и тајната за успешноста на бендот.

Во меѓувреме, за време на коронакризата, Бајага го завршил и новиот албум „Овој свет се менува“, кој десетина дена после скопскиот концерт би требало да излезе во продажба. На албумот има неколку нови песни и уште неколку песни кои ги работел за други изведувачи, а овојпат сам ги отпеал. Има и песни кои ги пишувал за Здравко Чолиќ, но се во сосема нови аранжмани, како и песни пишувани за претстави.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот