Бадникови поворки во време на пандемија

Здружението за православни вредности “Бадникови поворки” на 6-ти јануари, наместо традиционалната Божикна манифестација, и поворки на радост низ улиците на Македонија, организира „еден поинаков, но не помалку радосен Божик“.

-Божикната песна ќе не’ сплоти во силна заедничка молитва и ќе не’ предизвика, полни со верба и надеж, радосно да го најавиме Христовото Раѓање!, објавија од Здружението.

Тие ги повикуваат православните граѓани на 6-ти јануари во 12 часот: „каде и да се наоѓате на планетата Земја, запрете за миг и помолете се за подобра година за сите“. 

Од останатите активности на Здружението за православни вредности “Бадникови поворки”, освен хуманитарната дејност, во овој празничен период, ја издвојуваме акцијата за собирање Божикни честитки реализирана на 20-тина пунктови низ Републиката. Се собираат пораки наменети за болните на инфективните одделенија, кои за жал, оваа година за Бадник и Божик не ќе можат да бидат во кругот на семејството. Акцијата водена под мотото “Пронајдете го пунктот во вашиот град и донирајте ја само вашата ЉУБОВ, во вид на Божикна честитка”, завршува на 5-ти јануари, за веќе следниот ден, на Бадник, сите добри мисли преточени во Бoжикна честитка, да патуваат до инфективните одделенија, за да ги утешат и развеселат болните и да истакнат неизмерна благодарност до медицинските работници, соопштија од Здружението.

-Што се однесува до возобновувањето на православни божикни песни што некогаш се пееле на овие простори, како еден од најкрупните зафати на Здружението “Бадникови поворки”, а секогаш во соработка со Бигорскиот манастир, оваа година, традицијата продолжува со “Христос се раѓат, на светот радост” – во изведба на Љубојна. Станува збор за традиционална божикна песна што потекнува од овие широки балкански простори, од времето на Ромејското Царство, Византија. Ја пееле нашите благочестиви претци, а кај нас најдолго се задржала меѓу мијачкото население, заради што и сегашнава возобновена верзија е испеана токму на мијачки дијалект, во чест и спомен на богатиот творечки дух на Мијаците, на нивната вера и ревносна борба за зачувување на православната вера и традиција и во најтешките времиња. Песната во изведба на Љубојна и традицискиот оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј”, како и спотот во режија на Дејан Пројковски, ќе бидат промовирани на сам ден Бадник како Божикен подарок од Бадникови поворки и Бигорскиот манастир до верниот народ, стои во нивното соопштение.

Оваа година, за прв пат во историјата, една православна Божикна песна добива толкување на знаковен јазик. Имено, „Бадникови поворки” во соработка со Викторија Волак – сертифициран знаковен толкувач, ги израдува глувите лица со имплементирање на знаковен јазик во спотот за божикната „Небо и земја”. Следува адаптација и на останатите Божикни спотови снимени изминативе 5 години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот