Бадникарскиот кум, доктор Пановски: Одиме на подобро, уште малку трпение, да не ја расипеме работата на крај

Фото: mia.mk

Одиме на подобро, само уште малку трпение да не ја расипеме работата на крај, порача годинашниот кум на Бадник, доктор Никола Пановски. По осветување на погачата во Соборниот храм во Скопје, Пановски посака следната година овој голем христијански празник да се одбележи како што доликува.

– Одиме на подобро. Секој ден ќе биде полесен од претходниот. Само уште малку трпение да не ја расипеме работава на крај. Имаме поубава година и до година да се собереме како што приличи на секој Бадник, изјави Пановски.

Традиционално со кочија и бадниковиот ќуп, Пановски заедно со најтесното семејство замина од Соборниот храм.

На денешното одбележување на Бадник во Соборниот храм присуствуваше и годинашниот здравичар, Миодраг Врчаковски.

Поради пандемијата, со почитување на сите заштитни мерки и протоколи, годинава Бадник се одбележа со ограничен број на посетители.

Бадниковите гранчиња беа делени на главниот влез на црквата и на влезот од страната на камбанаријата, а изостанаа и традиционалните детски бадникови поворки како предвесник на утрешниот христијански празник Рождеството Христово – Божик. Од Здружението, кое секоја година ги организира детските бадникови поворки, информираа дека точно напладне озвучено возило во придружба на полициски возила ќе ја помине традиционалната патека на движењето на бадниковите поворки односно од црквата свети Димитрија до Соборниот храм.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот