Бадивуку и Кастратовиќ го дадоа емоционалниот максимум на концертниот подиум во „Света Софија“

Звучните уметнички имиња во светот на класичната музика, виолинистката Сихана Бадивуку и пијанистката Маја Кастратовиќ, по четири години повторно се вратија заедно на фестивалот „Охридско лето“, музицирајќи синоќа на концертниот подиум во црквата „Света Софија“ .

И двете поседуваат дарба да го пренесат волшепството на музичкото дело до публиката, споделувајќи ги со неа емоциите.

– Голема е честа повторно да настапиме како дуо и оваа година. Секогаш е незимерно задоволството што сме овде. Овој храм на музиката буди неверојатно силни емоции и звукот е божествен. Можноста да го споделиме нашиот свет со ценетата охридска публика има неизмерно значење за мене и Сихана, вели пијанистката Маја Кастратовиќ.

Репертоарот со кој настапија Бадивуку и Кастратовиќ на „Охридско лето“ беше специјално одбран за фестивалот, а содржеше и дела од Клара Шуман, со што уметниците се вклучија кон одбележувањето 200 години од раѓањето на големата композиторка.

– Вечерта ја започнавме со четвртата соната од Бетовен, ја продолживме со трите романси на Клара Шуман, потоа со скерцо од Брамс. Во вториот дел изведовме соната од Цезар Франк и композиција од Родион Шедрин. Избравме програма така како што се чувствуваме сега, и тоа сакавме да го споделиме со публиката, додава Кастратовиќ.

И впечатливата виолинистка Сихана Бадивуку, како и нејзината колешка, Маја Кастратовиќ во својата професионална биографија бележи бројни настапи на фестивалот „Охридско лето“ низ годините наназад.

– По четири години, повторно имаме заеднички рецитал со Маја. Многупати сме учествувале на фестивалот „Охридско лето“ и секогаш се сеќаваме на големите аплаузи. Со фестивалот сум врзана уште како млад уметник во рамките на Подиумот на млади и можам да кажам дека охридската публика е феноменална.Задоволството од претходните настапи на „Охридско лето“ и од вчерашниот концерт е уште поголемо бидејќи не следи не само домашната публика, туку и публика од целата држава и од странство. Амбиентот во кој музицираме, не мотивира да го дадеме нашиот емоционален максимум, вели Бадивуку.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот