Бабиќ: Верувам дека АЕК ќе удри во цврст „ѕид“ на Е. Пелистер

Тренерот на Е. Пелистер, Жељко Бабиќ/ фото: Е. Пелистер

Во вторник (16. ноември) со почеток од 18.45 часот ракометниот клуб Е. Пелистер во Грција против АЕК ќе го одигра третиот натпревар од групата „Д“ во ЕХФ Европската лига.

Тренерот на битолската екипа, Жељко Бабиќ вели дека АЕК е организирана и дисциплинирана екипа и одлично истрчува по освоена топка.

– Победија на убедлив начин во првото коло на домашен терен, а во второто коло ја изненадија цела Европа со победата во Ним. Стабилна екипа, во налет се и заслужува респект. Сезоната е долга, оптимисти сме, желни сме за натпреварување и едвај чекаме да почне натпреварот и да видиме која е вредноста на АЕК. Во добар момент сме, во добра форма сме и со нетрпение го чекаме натпреварот и уверен сум дека ќе покажеме добар тимски дух, добро трчање, добра одбрана и верувам дека АЕК ќе „удри“ во цврст „ѕид“ на Е. Пелистер. Спремни сме да одиграме одличен натпревар и ќе видиме за што ќе биде тоа доволно – рече Бабиќ.

Е. Пелистер после ремито во Швајцарија (28:28) против Кадетен во вторник ќе се обиде да дојде до првата победа ова сезона, а на тоа се надева и голманот на битолчани, Марко Кизиќ.

– АЕК е изненадување на сезоната. Ги познававме и претходно, знаевме дека се квалитетен тим, но покажаа одлични резултати во првите две кола. Тоа не смее да нè заплашува, тоа ни дава поголем мотив. Се спремаме, ги анализираме и одиме во Атина на победа. Имаат доста нови играчи. Од тоа што го гледавме, играат брз ракомет, ризикуваат многу и не калкулираат. Сакаат да играат и нивната најголема предност е сплотеноста. Се гледа дека се екипа, но тоа ни дава поголем мотив да докажеме дека сме подобри од нив и да ги победиме – вели Кизиќ.

Моментно во групата водат Спортинг и АЕК со по четири бодови, два има Ним, по еден Кадетен и Е. Пелистер, а последна е Татабања без бодови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот