Бабиќ: Не очекува тешка и ментална борба против Спортинг 

Жељко Бабиќ, тренер на Еурофарм Пелистер/ фото: РК Е. Пелистер

Ракометарите на Еурофарм Пелистер утревечер (20.45 часот) играат против Спортинг Лисабон во рамки на шестото коло во Лигата на Европа и ќе се обидат да „се извадат“ за пропуштената победа во Португалија.

Во претходното коло, битолчани на гостувањето во Лисабон во финишот ја испуштија победата. Во последната минута влегоа со гол предност и напад, но грешката ги чинеше победа и искачување на првото место на табелата. Тренерот на Е. Пелистер, Жељко Бабиќ вели дека неговите ракометари ги очекува ментална битка со португалскиот тим.

– Играчите во Лисабон дадоа сè од себе, имаа фантастичен натпревар. Без оглед на тоа што го имавме последниот напад и можевме да победиме, и тие имаа офанзивен фаул во нивниот претходен обид. Во секој случај, играчите покажаа страшен карактер и го презентираа клубот, државата и себе фантастично. Сите знаеме дека е тешко да се освојуваат бодови на гостински терен и колку е добар Спортинг. Што се однесува до вториот натпревар, нè очекува голема борба. Јас дури би рекол една ментална битка, мора да бидеме целосно фокусирани, а исто толку мора да бидеме ментално цврсти и спремни да го чекаме нашиот момент. Тие десет до дванаесет минути ќе дојдат, а ние мора да сме спремни да го искористиме тој период кога ќе ротираат – вели Бабиќ.
 
Еурофарм Пелистер по пет кола се наоѓа на третото место на табелата во групата Д со шест бода, еден помалку од Ним и Спортинг кои се на делба на првото место.

– Знаевме од почетокот дека групата е изедначена и дека во принцип таа е едно големо „минско поле“. Сепак, таков е спортот. Мора на секој натпревар да си максимално сконцентриран и фокусиран, во добра форма, да имаш силен тимски дух. Ова коло може да се испостави како одлучувачко, иако мислам дека сè уште е рано. Како и да заврши ова коло, има уште многу да се игра. Сите се бориме за првите четири места. Колку бодови ќе требаат за тоа, можеби е рано да се зборува. Ќе се играат уште четири кола во новата година и сметам дека тие ќе бидат клучни за пласман во следната фаза на Европската лига

.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот