
Баба Ванѓа ја нема
Мора трезвено да бидеме посветени во решавање на загаденоста, со користење искуство и докажани резултати на градовите низ светот кои се справиле со овој глобален проблем. Владата на Република Македонија мора сериозно да се зафати со овој проблем, бидејќи објективно моќта за носење одлуки и финансиите се под нејзина контрола.
Загадениот воздух, не само во Скопје туку и во останатите градови низ Македонија, особено во зимските денови – станува наше секојдневие на кое се навикнуваме како на нешто најнормално. За жал, нашето здравје го плаќа данокот на загаденоста. Како никогаш досега, прогласени сме за светски прваци, први по загаденост на воздухот! Скопје, Струмица и други градови во Македонија го носат атрибутот на најзагадени градови во светот. Сведоци сме дека загаденоста на воздухот и покрај одредени преземени мерки од страна на локалната и централната власт и понатаму е енормно висока и животно загрозувачка на краткорочен план.
Препорачано
Во насловот со доза на цинизам ја спомнав Баба Ванѓа, жена што имаше посебна дарба во своите визии да ја претскажува иднината, но и да предвиди решенија. Не ни треба Баба Ванѓа за да ни претскаже очигледен општествен колапс со загадување на воздухот и да ни понуди потенцијално решение, па како цивилизирани луѓе овој проблем со загаденоста да го решиме на системски, на најсовремен и ефикасен начин.
Како човек што поминал голем дел од својот живот надвор од Македонија, ја имав таа привилегија да споредувам градови низ Европа што на времето биле со најзагаден воздух, вода и почва, а денес се еколошки чисти средини каде што граѓаните ги ползуваат предностите на здравата животна средина. Ќе ги споменам градовите Краков и Катовице во Полска, најзагадените места во некогашна комунистичка Република Полска. Денес, тие градови со нивниот воздух се едни од најчистите во светот. Ќе го наведам и градот Есен во Германија, каде што беше концентрирано најголемото производство на црната металургија, од светски познатиот бренд Круп, со огромна загаденост. Тој град во 2007 година беше прогласен за најчист град во светот. Денес, во Есен тој отпад е изолиран од допир со вода, воздух и човечко присуство. На некогашните депонии се издигнати нови ридишта со трајно и богато зеленило и со комплетна контрола на отпадот што е стациониран под почвата.
Што направија овие градови за својот воздух?
Ја ликвидираа целата валкана преработувачка индустрија. Замислете, градот Краков во Полска затвори железарница со капацитет од 2 милиони тони производи од железо на годишно ниво, што во основа значи 6 пати поголем капацитет на железарница од Железарницата во Скопје. Ги затворија коксните батерии што произведуваа 3 милиони тони кокс на годишно ниво. Денес тие стари индустриски објекти се трансформирани во прекрасни места за живеење, со деловни простори, хотели, ресторани. Депонираниот отпаден материјал од оваа индустрија беше елиминиран во многу брз период. Го споменав само Краков, меѓутоа истото важи за сите градови низ Европа каде што била концентрирана базичната и валкана индустрија (не случајно се нарекува црна металургија).
Кога обичен човек ќе се разболи, најбитен е прегледот од стручни лекари за да се утврди вистинска дијагноза и истовремено да се понудат третмани со лекарства што треба да го решат здравствениот проблем. Секогаш е најбитна навремената дијагноза. Дијагнозата во случајот со загаденоста на воздухот низ цела Македонија мора да се направи од експерти за оваа област, кои ќе ја детектираат вистинската причина за загаденоста на воздухот во земјава и ќе предложат мерки истата да се елиминира. Струката треба да го даде последниот збор и препораки. Сведоци сме дека во Македонија функционираат индустриски капацитети што штетно делуваат на загаденоста на воздухот, не почитувајќи ги и онака „тенките“ еколошки стандарди. Скопска Железара не постои, ама има фирми кои работат во скопската железарница и кои дефинитивно се соучесници во загадувањето на воздухот. Депониите на отпадниот материјал од сите индустрии во последните 80 години до денес не се решени. Тој отпад е меѓу нас, граѓаните на Република Македонија. Што се прави со отпадите на Железара Скопје, Топилница-Велес, РЕК-Битола, ОХИС, Цементарница, Осломеј-Кичево, Југохром-Јегуновце, Купрум-Скопје и отпадот од некогашната силна кожарска индустрија како Годел, кои до ден денес не се исчистени.
Азбестот со децении е меѓу нас! За жал, неговата канцерогеност катадневно ја вдишуваме. Силните, организирани држави, од ваков вид канцероген материјал се ослободија пред 50-60 години. Ние, граѓаните на Република Македонија, особено скопјаните, од овој канцероген материјал вметнат во азбестните цевки денес пиеме вода. Да не говорам дека истиот тој материјал е вметнат во сите градежни објекти што датираат од не толку дамнешни времиња.
Неопходно е итно решение
Решението на овој проблем ни најмалку не е едноставно, но е итно нужно. Треба да се бараат најдобрите светски фирми, специјализирани за целосно детектирање на причините за загаденоста на воздухот во Македонија со понуда за одржливи решенија. Пасивноста не води кон никаде! Констатациите дека сме лидери во светот со загадениот воздух, не значат ништо додека нешто не се преземе. Не само воздухот, треба да се направи детална анализа и на водата и почвата. Тоа е единствениот начин како да дојдеме до точните причини, како да ја градиме нашата иднина и да ги елиминираме сите штетни дејства по здравјето на човекот.
Повеќе од јасно е дека многу индустриски валкани капацитети треба да исчезнат или да бидат дислоцирани, како на пример Цементарница – Скопје и уште многу други мали индустриски капацитети што со своето производство ја загадуваат нашата околина. Друг начин не постои. Ние имаме сериозен проблем!
Баба Ванѓа денес ја нема. Но, има многу истакнати политичари и поединци што сметаат дека овој проблем самиот по себе ќе се реши или веруваат во Ванѓа. Мора трезвено да бидеме посветени во решавање на загаденоста, со користење искуство и докажани резултати на градовите низ светот кои се справиле со овој глобален проблем. Владата на Република Македонија мора сериозно да се зафати со овој проблем, бидејќи објективно моќта за носење одлуки и финансиите се под нејзина контрола. Затоа, предлагам нашиот премиер, како еден од приоритетите, да посвети дел од своето време и да ангажира советници од странство што имаат искуство во решавањето на вакви проблеми. Тоа би било доволно за добар почеток во борба со општото загадување на животната средина во нашата земја.
(Авторот е бизнисмен и бивш градоначалник на Скопје)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“