„Баба“ – нов роман на Луан Старова во издание на Паблишер

„Баба“ Луан Старова
Фото: Паблишер

Луан Старова, еден од најзначајните македонски прозаисти со големо меѓународно реноме, ја освежува домашната книжевна сцена со својот нов роман „Баба“, кој деновиве излезе од печат во издание на Паблишер.

Како што нагласува Ферид Мухиќ, автор на поговорот, ова е роман за „феноменот на вечната човекова подвоеност, условно кажано – помеѓу небото и земјата. Не нужно распнатост, не секогаш растргнатост, туку едноставно подвоеност како реална ситуација, како еден вид агрегатна состојба во која се манифестира животот на секој човек“.

Луан Старова ја продолжува приказната од романите на својата Балканска сага – кон декодирање на позицијата на поединецот во минливиот свет со потрајните форми на едно конкретно семејство. Инспириран од ликот на баба му Хазбије, тој ја дешифрира невидливата и нераскинлива врска помеѓу навидум раздвоените и напати антагонистички колективни социјални ентитети. Притоа, како централен лик во романот кој го следи нејзиниот живот од најраните младешки години до самиот крај, Хазбије прераснува во апотеоза на Жената – единствениот и пресуден фактор кој овозможува поврзување на луѓето, и тоа на сите нивоа, од семејството како интимна заедница до соработка и поврзување на големите светски култури и цивилизации.

Како голем познавач на човековата душа и на видливите и невидливите феномени скриени во митологијата и животот на балканските народи, Луан Старова ни подарува уште една прекрасно напишана приказна која освојува.

Видео на денот