Азил за руски дезертери во Германија?

руски дезертери EPA-EFE/ZURAB KURTSIKIDZE

Политичари од речиси сите политички партии во Германија сакаат да им пружат заштита на руски дезертери. Но, правните прашања остануваат нерешени, а најважните патишта за бегство од Русија се затворени.

Вибке Јудит од организацијата Про Азил раскажуве дека речиси секоја минута пристигнува јавување од Русија . „Луѓето прашуваат како да излезат од земјата. Откако се обзнани делумната мобилизација во Русија, тоа го забележуваме екстремно како на социјалните медиуми, така и во однос на нашите тимови советници”, вели Јудит во разговор со ДВ.

Но, советниците не можат да им пружат многу надеж. „Проблемот е како воопшто ќе стасаат до Европа?”, вели Јудит. „Патиштата за бегство се многу ограничени. Дотолку повеќе што соседните држави речиси го прават невозможно доаѓањето по копнен пат.”

Естонија, Летонија, Литванија и Полска забрануваат влез за Руси. Само преку Финска може по копнен пат да дојдат во ЕУ, но во Хелсинки размислуваат за ограничувања за руски државјани.

Заштита за опозиционерите

Истовремено политичари од редовите на речиси сите големи политички партии нагласуваат дека руски дезертери се добредојдени во Германија. Право на азил следува и за лица кои одбиваат воена служба, односно кои уште не се мобилизирани да отслужуваат воен рок, сметаат претставници на владините СПД, Зелените, Либералите и опозициските партии на Унијата и на Левицата.

„Потребно е место на кое може да пребегаат,” рече политичарот за надворешни работи на Зелените, Робин Вагенер за англиската информативна програма на ДВ. И за Украина е подобро ако Русите бегаат од воена служба отколку да одат во војна. „Треба да покажеме отворени раце”, вели Вагенер.

Тоа не важи само за оние кои не сакаат да учествуваат во руската уништувачка војна против Украина. „Ни требаат опции и за демократската опозиција во Русија, за опозиционерите да може да дојдат во Европа и од тука да работат за да се запре војната, да се турне диктаторот и да се изгради поинаква Русија.”

Гласање во Брисел е неопходно

Се покажува дека има бегалско движење кон Запад, изјави во петокот владиниот портпарол Штефен Хебештрајт во Берлин, истакнувајќи дека со партнерите во ЕУ треба да има координации како да се постапува во врска со тоа. Сега е потребно „одржливо решение” во рамки на ЕУ. За такви решенија поединечни политичари од владината коалиција се залагаа уште пролетоска. Но во однос на бегалци и миграција во ЕУ, изминатите години ретко се постигнуваше согласност.

„Ни требаат бегалски рути наместо декларативни заложби на политиката”, вели Вибке Јудит од Про Азил. „Сега навистина мора јасно да се стави до знаење кои конкретни опции ги имаат луѓето во Русија, а не само паушално да се каже дека ќе добијат заштита ако стасаат до тука. Премногу што би било, кога би било има во тоа.”

И руските опозиционери според актуелните закони имаат шанса за азил во Германија, ако успеат да стасаат до земјата. „Но, тука повторно се поставува прашањето: како ќе докажат дека се опозиционери? Кои конкретни барања мора да ги исполнат?”, вели Јудит.

Малку барања за азил досега

Сојузната канцеларија за миграција и бегалци (БАМФ), која е дел од германското Министерство за внатрешни работи, е одговорна за барањата за азил во Германија. На барање на ДВ ни одговорија дека во тековната година речиси и да нема регистрирано зголемен број барања за азил од руски граѓани, споредено со претходната година. Досега имало околу 1.800 барања за азил, додека во 2021 околу 2.300. Ниту војната против Украина која започна во февруари, не придонела да се зголеми бројот на баратели на азил.

Максимилијан Кал, портпарол на германското МВР, изјави дека практиката на донесување одлуки на БАМФ во однос на барателите на азил од Русија е променета од април и дека „по правило, одбивањето да се служи воен рок е причина за заштита”. Покрај тоа, по рускиот напад врз Украина во февруари, 438 руски државјани се примени на хуманитарна основа. Тука спаѓаат членовите на опозицијата или новинари.

Дезертерите уживаат потполна заштита како и бегалците

Фактот што некои соседни земји, како што се балтичките земји, Полска или Чешка, не сакаат да им дадат азил на руските дезертери, предизвикува зачуденост во БАМФ. Европското право важи за сите земји членки на ЕУ, посочуваат од таму, при што се мисли на пресудата на Европскиот суд на правдата од ноември 2020 година, според која прогонетите дезертери во принцип имаат право на целосна заштита како и бегалците. Позадината на ова беше потребата од правно појаснување во неколку случаи на сириски бегалци регрути на кои им беше одобрен азил по судската одлука на Европскиот суд. Владиниот портпарол Штефен Хебештрајт во петокот јасно стави до знаење дека на оваа тема повторно ќе треба да се разговара со сите европски партнерски земји на почетокот на следната недела. Вибке Јудит од Про Азил се надева дека нема да остане само на „политички сигнали”, туку дека ќе се отворат рути за бегство за луѓето од Русија до Европа.

(Дојче веле)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот