Азески – Петров: Поддршка за дигитализацијата и иновативноста на компаниите

Бранко Азески ФИТР
На средбата стана збор и за заеднички проектни активности на Комората и Фондот со цел поддршка на реалниот сектор / Фото: МИА

Борбата против сивата економија и корупцијата преку итна дигитализација на државната администрација и финансиска поддршка за дигитализација на компаниите со примена на системите САП како современи, докажани и проверени дигитални решенија, кои овозможуваат поголема ефикасност, ефективност и поголема продуктивност, беа само некои од темите на работната средба меѓу претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Коста Петров.

На средбата стана збор и за заеднички проектни активности на Комората и Фондот со цел поддршка на реалниот сектор.

Азески ги презентираше актуелните проекти и стратешките активности на Комората, ставајќи акцент врз поддршката на компаниите во нивните извозни активности, за кои особено значење имаше примената на нови технолошки решенија, иновации, што е и во рамките на полето на дејствување на Фондот. Во таа насока, за очекување е дека најмоќната бизнис-асоцијација, ставајќи се во функција на своите членки, во соработка со ФИТР, ќе треба да воспостави координирано институционално дејствување, за да се постигне и поголем економски раст на национално ниво. Улогата на Фондот, вели Азески, е да ги поддржи и да ги поттикне компаниите во изнаоѓањето форми на инвестиции, преку финансиска поддршка за производствените, извозните и за иновативните решенија, во насока на нивна поголема конкурентност на странските пазари.

Петров ги образложи приоритетите на Фондот за следните две – три години, преку помош и поттикнување на развојот на реалниот сектор, вклучувајќи ги и стартап компаниите кои нудат иновативни и технолошки развојни производи и на кои им недостига поддршка, финансиска и системска, но и нивно поврзување со средни и со големи успешни компании, кои би ги развиле нивните иновативни и развојни производи до крајна употребна вредност. Како проект од ФИТР, се најави идејното предлог-решение за Технолошкиот парк, за кој се побара заедничо дејствување во процесот на развој и на примена на ова решение.

Претседателот Азески искажа благодарност што ФИТР ја препознава Комората, која следната година одбележува еден век постоење, како партнер за своите развојни проекти и предложи преку заеднички континуирани работни средби на тимови од двете институции да се продолжи со изнаоѓање решенија, како и со градење различни механизми, алатки и можности, кои ќе значат поддршка за бизнисот, која ќе овозможи економско заздравување, но и забрзан раст на економијата во следните години.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот