Азески: Извозот да стане врвен приоритет и директно да се поддржи од Буџетот

Бранко Азески, Стопанска комора на Северна Македонија/Архива на Слободен печат

Сите натежнале врз грбот на компаниите и се расфрлаат со нивните пари, а од друга страна, државата се меша во работата, па бара да не се работи во недела, одредува маржи, ја утврдува минималната плата, а не дозволува да има извршување на долговите на државните институции, порача претседателот на СКМ

Извозот да стане врвен национален приоритет, а ако државата сака да им помогне на компаниите тоа да го стори со брцање во Буџетот, а не преку Македонска банка за поддршка на развојот, која потоа компаниите ги препраќа до другите банки, кои им земаат големи провизии на компаниите, порача претседателот на Стопанската комора Бранко Азески во месечното обраќање насловено „Извоз, Извоз, Извоз!“. Илустративно во 1992 година, македонскиот извоз тежел 1,2 милијарди долари, а лани бил 8,7 милијарди долари. Или за 30 години, македонскиот извоз пораснал за 7 пати, додека во истиот период Словенија забележала 10 пати поголем раст на извозот, а во Полска извозот пораснал за 25 пати!

-Ако ме прашаат од каде пари, нека ги укинат 1.320 државни органи и тела, кои вдомуваат 129 илјади административци. Парите што би се заштедиле од нив и од укинувањето на управните одбори во државните институции, да се насочат кон зголемување на извозот – посочи Азески.

Според него, државата треба да ги замени политичките со економски дипломати, бидејќи од нив ќе има поголем ќар.

-Се тепаат за Париз, а веќе 6 години немаме амбасадор во соседна Србија, која ни е еден од најголемите трговски партнери.

Претседателот на СКМ ѝ порача на државата под итно да воведе посебни таблички за службените возила, оти тие се користат за „да се возат по ниви и во прељубнички активности, по работното време“.

-Сите натежнале врз грбот на компаниите и се расфрлаат со нивните пари, така што ми е просто неверојатно како опстојува бизнисот. Од друга страна, државата ни се меша во работата, па ни бара да не работиме во недела, ни одредува маржи, ни ја утврдува минималната плата, не дозволува да има извршување на долговите на државните институции. Бараме нов рамковен договор за економијата да се врати на пиедесталот, оти вака веќе не може – инсистира Азески.

Тој имаше уште една голема молба до европските лидери, кои според него носеле решенија на штета на малите земји.

-Да им порачаме – ако ни помагаат да не нè понижуваат – истакна Азески.

Аман од продолжени викенди, еден завршил доаѓа друг

Претседателот на СКМ оценува дека во државава не се работи и продуктивноста е на минимум, односно само 20 отсто од работната сила. Низ примерот на неработните денови, Азески илустративно покажа како се работи во државава и порача дека ова не може веќе да се издржи.

– Моите вработени 6 недели по ред одат на продолжени викенди. Па сега ќе почнаа летните одмори и сите ќе фатат џаде накај Грција, оти сега било поевтино. После пак во септември оти и тогаш било евтино. Кога ќе работиме? Аман од неработните денови, уште не завршил еден продолжен викенд, доаѓа друг – порача Азески.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот