Азески бара од Владата: Укинување на парафискалните давачки и плаќање на доспеаните обврски кон приватниот сектор

Бранко Азески, Стопанска комора на Северна Македонија/Архива на Слободен печат

Ефикасноста што Собранието, како највисок орган во државата, ја покажа при донесувањето на Законот за минимална плата да продолжи веднаш и со укинување на парафискалните давачки, а Владата да ги исплати доспеаните побарувања кон приватниот сектор

Во 2010 година кога Стопанската комора на Македонија излезе со новата програма за економски развој, централната проекција беше дека приватниот сектор со таа реформа мора да биде стожер на економскиот раст и да ја апсорбира високата невработеност. Со тоа, ние како најголеми претставници на приватниот сектор, јасно дефиниравме дека поддржуваме зголемување на платите и подобри услови за работа, но јасно укажавме дека тоа може да се случи само доколку државата навреме ги извршува обврските кон приватниот сектор, доколку се укинат парафискалните давачки и се намалат даноците и придонесите. Само така може да продолжи и инвестиционата активност и отворањето на нови работни места.

После прашањето на минималната плата и уредување на неделата како неработен ден и покрај забелешките на компаниите, единствено што е можно е овие три барања државата да ги исполни во целост и во што пократок рок, а на тоа би го додале и прашањето со енергетската криза, за која компаниите не се виновни. Виновна е државата (што не изградила стратегија за развој на енергетиката, не инвестирала во енергетски објекти и лошо менаџирала со истите), а товарот паѓа врз приватниот сектор.

Стопанската комора на Северна Македонија, како партнер на јавниот сектор, принципиелно поставува едно многу едноставно прашање: Дали сега е вистинското време за решавање на крупните прашања коишто ќе овозможат натамошен развој на бизнисот и ќе ги апсорбираат трошоците создадени со новите законски решенија?

Ние мислиме да, бидејќи овие прашања (за парафискалните давачки, навременото исполнување на обврските кон приватниот сектор, вклучувајќи ја и потребата од измена на членот 218 од Законот за извршување, кој и натаму се злоупотребува и за намалување на даноците и придонесите) би довеле до создавање атмосфера потребна за остварување на Програмата за економски раст што Владата ја има проектирано за крајот на борбата со пандемијата.

И ние сме за работниците, бидејќи ние ги претставуваме компаниите, а во нив се и работниците и работодавачите. Следствено на тоа, без работниците не може да се одвива процесот на работа, а камоли да се прави профит.

И не само тоа, нашата сугестија е средствата за реализација на овие неколку прашања да се бараат во самата државна администрација, каде во секој извештај се наведува нејзината неефикасност и нерационални трошења и на таков начин нема да се оптеретува државата со нови задолжувања. Така, ќе се мотивира за поголема продуктивност и приватниот, но и државниот и јавниот сектор и на таков начин ќе се остварат целите зацртани во новите закони коишто го регулираат прашањето на минималната плата и на неделата како неработен ден.

На крајот, сакаме да истакнеме и една работа којашто мора да се има предвид, а е поврзана со нашите интегративни процеси во Европската унија, а тоа значи дека на економските субјекти треба да им се утврдат правилата на игра, но и да им се дозволи потполна слобода во регулирањето на нивното работење. Доколку тоа не се случи, државата на располагање има инспекциски служби, кои можат тоа да го санкционираат. Се на се, ние остануваме партнери затоа што друго не е можно, бидејќи нашата позиција освен дијалог, не подразбира ниедна друга мерка и упорно ќе продолжиме така во интерес на државата и на сите нас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот