Азески бара Чадеж да се заложи прекините на Коридорот 10 да траат 24, а не 36 часа

Бранко Азески/ фото: МИа

Претседателот на Стопанската комора на Северена Македонија и копретседател на Коморискиот Инвестициски Форум (КИФ), Бранко Азески упати писмо до претседателот на Стопанската комора на Србија и претседател на КИФ Марко Чадеж, во кое иницира, тој да се заложи кај надлежните институции да ја разгледаат можноста за скратување на времетраењето на затворање на железничката мрежа во Србија поради реконструкција од сегашните 36 на максимум 24 часа, како и да се преземат дозволени мерки со соседните администрации за координирање на организацијата на транспортот за да се постигне максимален проток на возови во одредена временска рамка.

-Меѓу бизнис заедницата во Северна Македонија постои задоволство за веќе почнатиот циклус на инвестиции во обнова и модернизација на железничката мрежа на Република Србија, како и зашто веќе се почнати првичните работи за модернизација и рехабилитација на пругата Ниш – Брестовац, долж меѓународниот железнички Коридор 10. Овие инвестиции се од големо значење за целата економија во регионот и веруваме дека ќе придонесат за побрз транспорт на стоки со железница, со помалку задржување на робата, поврзување на регионалните економии од југ на север, а се од особено значење и од аспект на поврзувањето на пристаништата (особено Пиреја) за главниот проток на стоки од Далечниот Исток кон земјите од Централна и Западна Европа. Јасно е дека овие зафати на железничката мрежа се од исклучително значење и бараат голема посветеност, бидејќи се предвидува дека реконструкцијата на пругата Ниш-Прешево ќе трае до 2024 година, пишува Азески во писмото до Чадеж.

Според Азески, постои загриженост кај дел од македонските компании дека инвестициските работи од ваква големина силно ќе влијаат на постојниот комерцијален проток на стоки на овој коридор.

-Покрај сите неприлики со кои тие се соочуваат во моментов, како справувањето со пандемијата, промените во економските текови на глобално ниво, светската енергетска криза, затворањето на коридорот поради реконструкција дополнително предизвикува проблеми и застои во транспортот и доставата на роба. И покрај тековните реконструкции, Србија – Србија Карго сè уште опстојува на економска основа преку превоз на стока на својата мрежа. Согласно наведеното, неопходно е тековното работење на железницата да се усогласи со потребите на бизнис заедницата, наведува Азески.

Во моментов, додава. има целосен прекин на транспортот на Коридорот 10 и огромен застој и метеж кај сите железнички оператори, намален проток на возови во одреден период, недоволно пропуштање возови на граничните железнички станици, недоволен број влечна опрема, персонал,…

-Од 18.10.2021 година, поради реконструкција на железницата, мрежата е затворена во интервали од 36 часа (отворање/затворање). Во периодот на отворање, превозниците практично не можат да го надоместат протокот на стока со своите технички или човечки ресурси (дополнителни локомотиви и дополнителен технички персонал), а мора да се нагласи и неможноста за пренос на стоки преку граничниот премин Табановце, бидејќи тој нема доволно капацитет за да прими повеќе од неколку возови, истакнува Азески во писмото до Чадеж.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот