Азар ги плаши навивачите на Челси
Еден Азар јавно призна дека му се воодушевува на Зинедин Зидан и е пресреќен што Французинот повторно се врати во Реал Мадрид притоа повторно подгревајќи ги шпекулациите дека тој на лето ќе се пресели во „кралскиот клуб“.
Дополнителни грижи за навивачите на Челси предизвикува и податокот дека Азар подолго време одбива да потпише нов договор со англискиот тим кој му нуди рекордни 300.000 фунти неделна плата и многумина сметаат дека тоа е поради неговата жеба летово да се премине во Реал Мадрид.
Белгиецот не сака јавно да го признае тоа но во своите изјави во последно време потенцира дека со задоволство би играл за Зидан.
– Не сум фудбалеер на Реал Мадрид но како личност која го обожува Зинедин Зидан среќен сум што повторно се врати на клупата. На фудбалот му е потребен Зидан. Неговото враќање е добро за Реал Мадрид и неговите навивачи но не и за конкурентите бидејќи екипата под негово водство често победува – вели Азар.
Тој не сака да зборува за иднината се додека трае сезоната, а утре го очекува дерби дуелот со Ливерпул во Премиер лигата.
– Не сакам да зборувам за својата иднина. Шпекулациите ги слушам постојано, а мене ме чекаат доста важни натпревари со Челси во следните месец дена. Крајот на сезоната би можел да биде преубав за нас доколку триумфираме во Лигата на Европа и обезбедиме пласман во ЛШ следната сезона. Дури на лето ќе размислувам за иднината – потенцира Азар.