Авторите на учебници гневни: Срам ни е да кажеме дека пишуваме, бидејќи земаме „смешни“ пари

Авторите на учебници за средно образование во земјава се соочуваат со големи проблеми додека книгата го помине целиот процес на печатење, рецензија и одоборување, односно пред да се најде во рацете на учениците. 

„Слободен печат“ разговараше со авторка на учебници за средни медицински училишта, која побара да остане анонимна, а која ни објасни низ што се поминуваат авторите, но и рецензентите на книгите, како и тоа колку се платени и на кој начин.

Па така, за издавање на учебник МОН може да распише два вида на конкурси – анонимен и конкурс за авторски тим, меѓутоа како што објаснува нашата соговорничка, и во двата случаи првите три примероци од книгата во боја, како и два во црно-бела верзија, кои авторите треба да ги направат за да ги достават до МОН, ги печатат од свои пари, а дополнително плаќаат и лектор кој им наплаќа 40 денари од страна, како и трошоци за техничко уредување на учебникот. 

– Моментално е во тек конкурс за учебници во кој се бараат авторски тимови и доколку ве изберат, вие сте авторите и не може да биде некој друг. Но, постапката е иста – сами го работите учебникот, сами си плаќате лектор, техничко уредување, печатени учебници – три во боја, два во црно-бела верзија и потоа им ги испраќате во ЦСО – Центар за средно стручно образование, за да ви го одобрат, да утврдат дали е според план и програма, а потоа учебникот се враќа во педагошка служба во МОН и оди на рецензија. Кога ќе помине таму оди на Национална комисија и таа кога ќе го одобри, дури тогаш може да се користи. Може да се случи учебникот неколку пати да биде вратен на рецензија, но дури и кога ќе го одобрат тој процес трае долго, значи година ипол, две за еден учебник кој ние го пишуваме во неколку месеци и го доставуваме – објаснува нашата соговорничка, која вели оти сега авторите имаат големи проблеми да најдат рецензенти за учебниците, бидејќи тие добиваат само 4.000 денари, а имаат огромни трошоци. 

– Кога ќе дојде моментот на конкурс за рецензенти веќе никој не се пријавува, бидејќи во рецензентска комисија треба да има еден професор од факултет и двајца од средни училишта со најмалку 10 години работен стаж по предметот кој го предавале. Тие не се пријавуваат затоа што најмногу што може да им се плати  е 4.000 денари и тоа само доколку учебникот е над 300 страни. Ние како автори сме принудени да се молиме кај колеги да ни бидат рецензенти, бидејќи сме приватно блиски, или ние потоа некаде да бидеме рецензенти, бидејќи знаеме колку се мачеле колегите за учебникот и жално е да му пропадне трудот бидејќи нема да најде рецензент – вели таа, додавајќи оти за да се биде рецензент потребно е да се обезбедат многу документи и да се заверат кај нотар, а сето тоа чини многу повеќе од 4.000 денари. 

– Поради тоа многу учебници се блокирани веќе две години бидејќи нема рецензенти – посочува нашата соговорничка.

Таа ни објасни како гласи договорот за плаќање кој авторите на книгите го потпишуваат со МОН. 

– Откако учебникот ќе помине на рецензија и на Национална комисија, дури тогаш ве викаат во МОН да потпишете договор за плаќање. Сумата што најмногу може да се земе од учебник и тоа доколку е со три часа неделно и плус да е вклучена и пракса во тој предмет е 4.000 евра. Обично ние по двајца автори ги пишуваме учебниците, значи по 2.000 евра од автор. Од овие 2.000 евра ние веќе сме дале од човек по 1.000 евра за претходните трошоци за лектори и печатење, а договорот за плаќање со МОН е на пет рати и тоа исплаќаат по една рата годишно. Значи ве исплаќаат за пет години, па јас не знам ниту дали ќе бидам жива за пет години. Ние сме две авторки и земаме по 200 евра годишно за учебник, што е срамно – објаснува оваа револтирана авторка, додавајќи оти наместо да авторите да бидат горди на своите дела, тие се срамат да кажат оти се автори, бидејќи како што вели заработката им е „смешна“. 

– Дојде време да се срамите да кажете дека пишувате учебници, бидејќи другите ќе ви се потсмеваат за парите кои ги земате, наместо да сме горди оти сме направиле учебник од кој учи цела Македонија, ние се срамиме – заклучи таа. 

Одговори за проблемот со договорот со исплаќање на авторите на учебници побаравме и од МОН, но засега не добивме, а кога ќе ни одговорат, истиот ќе го објавиме. 

Видео на денот