Автобусот фантом, возењето фатално

Соња Кириџиевска
Фото: Драган Митревски/Слободен печат

Ти доаѓа да врескаш кога ќе слушнеш дека „автобусот на смртта“ вршел меѓународен превоз без лиценца, дека никој не знае колку пати излегол и влегол во земјава, дека го нема во електронската база на податоци на Министерството за транспорт…

Два ипол месеци по пожарот во модуларната болница во Тетово, се вратија црните панделки и знамињата спуштени на половина копје. Македонија повторно тажи. Страшната трагедија во која загинаа 45 лица од кои 12 деца, а седуммина се повредени, го урниса спокојството и зави во црно цели семејства, чиишто мајки, жени, синови и свршеници, сакале да заборават на секојдневието и да избегаат од пандемијата. Нивното патување заврши трагично на свијокот на смртта на автопатот Струма, пред градот Перник во Бугарија – позната како црна точка на автопатот.

И сега, кога размислува, човек не може а да не се запраша, колку е евтин животот за да се потроши за само стотина евра, колку што чинат ваквите екскурзии?! А, најмногу од сè, ти доаѓа да врескаш, кога ќе слушнеш дека „автобусот на смртта“ вршел меѓународен превоз без документи, дека никој не знае колку пати излегол и влегол во земјава, дека го нема во електронската база на податоци на Министерството за транспорт и дека допрва ќе се поведе постапка за да и се одземе меѓународната лиценца за работа на „Беса транс“.
Почитувани институции, што правевте досега? Или според принципот „не удира гром во коприва“ издававте лиценци, вршевте наводни технички прегледи и стававте штембил за техничка исправност на секаков транспортен крш.

Секој што барем еднаш ги користел услугите на туристичките пакет-аранжмани со превоз, има да раскаже некаква хорор приказна за тоа како стигнал или како се вратил од зимување или од летување. Во изминатите дваесеттина години дел од превозниците кои ги ангажираа туристичките агенции го тестираа трпението на патниците до степен на усвитеност. Немањето клима или греење, лошата хигиена, маслосаните седишта, собирањето и оставањето патници од еден до друг град и по автопатишта само за да се пополни турата, за среќа се најбенигната форма на непрофесионалност. И оние што доживеале да чекаат по цела ноќ на улица, затоа што автобусот што требало да ги врати дома се расипал по пат, сега се крстат и велат дека имало полошо. Навистина имало, се виде завчера…

Домашните потивко, но бугарските експерти погласно посочуваат уште на еден многу битен момент за причините на сообраќајните несреќи – човечкиот фактор. Знаеме ли во чии раце се става судбината на над педесетина патници? Води ли некој сметка каква е возраста на возачите, дали редовно се проверува нивната физичка способност, дали се почитуваат европските правила за одмор – да не се вози повеќе од 1.000 километри во една тура. Ќе се дознае ли конечно, кој сè вози без меѓународна дозвола и сертификати, дали возачите се здравствено и социјално осигурени? И на кој начин се пуштаат автобусите да ја прејдат нашата граница?

Прашањата навираат и треба да им се даде одговор, ако сме навистина правна држава. Македонските граѓани се соочени со ужасната институционална немарност и корупцијата која цути на секој чекор, но случајот со сообраќајката кај Ласкарци и оваа најновата, можеби ќе бидат пресудни за да се каже дека трагедиите се резултат (и) на тоа што институциите не си ја вршат својата работа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот