Автобусите на Мерлин

Фото: Ерол Шаќири

Човек, читајќи такви коментари ќе си помисли дека ние не само што имаме „истенчен“ , префинет вкус за музика, туку дека ние всушност сме ја измислиле самата музика.

Колумнава требаше да биде за нешто сосема друго, но една монтажа (лажна вест) на социјалните мрежи каде беше наведен еден интернет портал, ме изнасмеа и ми ги изгуби мислите. Познавајќи го порталот за момент помислив и дека е вистинска вест. Имено лажната вест гласеше „За да го наполни плоштадот Дино Мерлин синоќа со автобуси носел публика од Босна“, недостига уште „делеше бесплатни сендвичи и пиво“ за да биде цела, реченицата.

Не бев присутен на концертот поради работни обврски некаде под ведрото афричко небо, но според сликите, снимките и зборовите на тие што присуствувале, дел мои блиски другари и семејство, настанот, концертот бил еден од најдобрите од осамостувањето. Не само според забавата, веселбата, посетеноста (над 60 илјади публика), туку и според успешната организација. Недели и недели пред новогодишниот концерт, уште веднаш по објавата на градските власти за тоа кој ќе ја забавува македонската публика на дочекот на новата година на социјалните мрежи започна еден жесток напад врз таквата одлука на организаторите. Во тој жар се изнакажаа и милион навреди за самиот пеач, уметник, музичката икона на балканските простори, Дино Мерлин. Неговата музика била шунд, тоа било врв на „сељачизмот“, неговото гостување било навреда за целата нација и таканатаму. Музиката со која порасна мојата генерација, генерации пред мене, а како гледам и генерации после мене да ти била шунд. Човек, читајќи такви коментари ќе си помисли дека ние не само што имаме „истенчен“ , префинет вкус за музика, туку дека ние всушност сме ја измислиле самата музика.  За вкусови не се расправа, но сепак не можам да не бидам дрзок и да се воздржам од коментар, односно да поставам прашање. Што е тоа добра музика според нас, односно според овие кои додека типкаат на тастатура и пишуваат коментари против Мерлин, во позадина оди песна со рефрен „саноќ јадат пијат се веселат, зора ги зорува, комшиите мајко на работа одат, Марко по кафаните“, или „куче лаје, а ја мислим ти си, отишо си а сарму пробо ниси“, односно „на кучи се оџак пуши, на тавану месо суши, а ја сам сељак у срце и души“?  Имаше и патриоти меѓу овие коментатори, овие во принцип слушаат само македонска или само албанска музика, па според тоа не може да ги забавува некој што не пее на нивниот јазик. Е сега оваа категорија на луѓе се дрзнаа да коментираат за музика, па тие музиката не ја сакаат, музиката која е универзален јазик за целиот свет овие не ја признаваат, се што е надвор од нивниот етнос за нив не е добро. Не ја признаваат музиката на другиот, а со тоа и културата на другиот, ова се класични етноцентристи, затоа со нив секоја расправа за музика е илузорна.

Сепак, мислам дека главниот мотив за критика кон Мерлин е организаторот на настанот. Познати сме веќе како нација по ширење на негативна енергија, по плукање на се и сешто, по негодувањето, незадоволството, така да во принцип расправа за музика, тип на музика, воопшто не е потребна. И кралот на рок енд ролот, или султанот на рок енд ролот што би рекол еден мој другар Турчин, Елвис Присли да го донесеа, пак ќе имаше негодување и плукање. И Виенска Филхармонија да гостуваше под диригентска палка на Зубен Мехта, повторно исто.  Тоа е нашата реалност, на жалост, нема врска ни со вкусот ни со музиката, туку со политиката. Но убаво што организаторот ги демантираше сите критичари на таквата одлука и концертот се претвори во мега настан и одлична забава за која ќе се зборува.

Да се надоврзам на насловот и лажната вест, Мерлин има една песна која се вика Супермен и дел од рефренот гласи „нисам ја Супермен, па да могу то на леџима да понесем“, така неможејќи на грб да ги донесе луѓето, Дино се одлучил за автобуси, авионска линија немало тој ден. Од партиски извори кои неможам да ги откријам дознавам дека се било договорено и координирано со Заев. На средбата со агентот и самиот Мерлин присуствувале и еден член од партијата на Заев и еден висок претставник на вмро. Во обид да се овозможи поголема посетеност на концертот се преговарало како пред група на Мерлин да биде Некст Тајм и да ја испеат песната со бабата. Договор не се постигнал, Дино и покрај огромниот притисок одлучил сам да настапи. Револтирани од ваквиот потег на Мерлин, од опозицијата решиле да им пратат порака на своето членство дека ниеден вмровец не смее да присуствува на новогодишната прослава. Кога Заев увидел дека му претстои можен дебакл, се договорил со Мерлин да организира автобуси и да носи луѓе од Босна и Херцеговина (неофицијално дури 40 илјади биле Босанци на концертот), и тука не завршува се. Парите за автобусите кои Мерлин ги платил претходно биле уплатени на негова сметка од засега непозната сметка отворена во Тринидад и Тобаго на само 3 дена пред Нова Година. Дознавам дека случајот е веќе пријавен во обвинителството кое веќе спроведува истрага за можен сторен криминал, злоупотреба на државни средства за носење публика од странство.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот