Автобусџиите „пресекоа“ – да се реши проблемот со долгот или повторно штрајк

Протест на автобуските превозници пред ЈСП/Фото: Слободен печат

Деновиве на превозниците од „Слобода превоз“ им биле исплатени само по 5.000 денари, по што приватните превозници вчера се собраа пред ЈСП барајќи средба со директорот Александар Стојковски во обид за решавање на проблемот со долгот.

По два месеца откако приватните превозници со блокади на неколку крстосници во Скопје се обидоа да си го „наплатат“ долгот од ЈСП и Град Скопје, кој како што тврдат изнесува 1,5 милиони евра, вчера тие се собраа на мирен протест пред дирекцијата на ЈСП „Скопје“. Многуте обиди за средба со градоначалничката, како што е познато, завршија со еднострано прекинување на договорите со превозниците, а средбата со премиерот Димитар Ковачевски, која ја очекуваат долго време, уште не се случи.

Трпението се прелеа кога деновиве на превозниците од „Слобода превоз“ им биле исплатени само по 5.000 денари, по што приватните превозници вчера се собраа пред ЈСП барајќи средба со директорот Александар Стојковски во обид за решавање на проблемот со долгот.

– Немаме никакви примања веќе 6 месеци. Колегите од „Слобода превоз“ добија мизерни 5.000 денари, па затоа и дојдовме да прашаме по која основа е ваквата уплатата на нивната сметка. Доколку немаме одговор од директорот за решавање на нашите проблеми, тогаш повторно ќе поднесеме барање за средба со Арсовска, а последна надеж ќе ни биде премиерот Димитар Ковачевски. Ако повторно не бидеме сериозно разбрани, ќе следуваат нови протести во градот – изјави Јовица Зафировски, еден од превозниците.

Директорот не оствари средба со нив, со објаснување дека бил зафатен со некаков состанок, но тие сепак очекуваат прием за да поразговараат за сите работи и за сите проблеми што ги мачат, со надеж дека конечно ќе се најде решение за, како што велат, голготата низ која минуваат.

– Финансиски сме исцрпени, веќе не работиме три месеци, но сепак ќе ги сервисираме автобусите и ќе бидат во функција. Најпотребни ни се финансиските средства. Да го договориме начинот на исплата, да ни ги исплатат средствата, автобусите ќе ги активираме повторно – додаде Зафировски.

На прашањето што ќе направат доколку нема средба ни со директорот, ни со Град Скопје, ни со Владата, Зафировски одговори дека единствен излез како демократско право е протестот.

Во однос на ставот на градоначалничката Арсовска дека имало два јавни огласи на кои се бараа превозници на неколку линии, но тие не се пријавиле на ниту еден од нив, тој рече дека не можеле да се пријават затоа што на огласите имало само два пакети на линии.

– Тука сме 135 фирми, ние 30 години сообраќаме на овие линии, значи мораме сите да бидеме активни – рече Зафировски.

Превозникот Мемед Асани тврди дека сакаат проблемот да се надмине со дијалог, но ако тоа не се случи, повторно ќе има штрајк. Притоа нагласи дека не сакале да штрајкуваат уште оваа недела поради „доаѓањето на бугарските делегации на чествувањето на Гоце Делчев”, но истакна дека кога ќе помине тоа, доколку нема никаков исход во нивните обиди дотогаш, може повторно да се очекуваат блокади.

Колку за потсетување, „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ започнаа со блокада на главниот град на крајот на ноември со блокада со  30 автобуси на крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, со барање  да им бидат исплатени долговите за да можат да почнат повторно со работа. Откако ова не доведе до саканиот исход, една недела подоцна блокадите се проширија и на крстосницата пред Црвен крст и на булеварот Илинден.

Блокадите беа тргнати на 13 декември, откако премиерот Димитар Ковачевски  изјави дека нема да разговара нив  додека не ги тргнат блокадите. Превозниците го послушаа барањето на премиерот и ги отстранија автобусите од крстосниците, но Ковачевски досега не ги викнал на средба. Сега, по најновите случувања и со оглед на тоа дека никој не најде време и желба да ги ислуша превозниците, речиси е извесно дека сообраќајот во градот наскоро повторно ќе биде блокиран и повторно „подебелиот крај“ ќе го извлечат граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот