Автобус со број 3Б со денови превезува патници со напукнато стакло, од ЈСП ветуваат брза санација

Фото: Приватна архива

Автобус со број 3Б кој сообраќа на линијата од булевар АСНОМ до булеварот Свети Килимент Охридски и улицата Водњанска, веќе подолго време превезува патници, иако има скршено стакло на вториот кат од возилото, предупредуваат читатели на „Слободен печат“.

Дел од патниците кои секојдневно се превезуваат со ова возило на ЈСП „Скопје“ стравуваат за својата безбедност, бидејќи како што велат, додека трае возењето, напукнатото стакло постојано крцка, а додека се возат низ Општина Аеродром многу често се случува да дојде до удар од гранките на дрвјата долж булеварот и на тој начин во секој следен миг опасноста од пукање на стаклото да се зголемува, а со тоа и опасноста некој патник да заработи повреди.

Од ЈСП „Скопје“ велат дека се информирани за овој случај и дека напукнатото предно стакло ќе биде санирано во најкус можен рок.

-Случајот со посочената напукната шофершајбна е регистриран пред неколку дена и истата ќе биде заменета во најкус можен рок. Напукната е од неискастрени гранки од дрвја кои се наоѓаат на трасата на линијата по која сообраќа возилото. ЈП „Паркови и зеленило“ е задолжено за кастрење на гранките, чии екипи работат по утврдена динамика, реонски, а често и по приоритет по дојава од наша страна. ЈСП „Скопје“ смее да ги кастри гранките само на одредени локации, односно на траси на автобуски линии кои се надвор од градското подрачје, односно надвор од границите на ГУП – информираат од ЈСП „Скопје“.

Видео на денот