Автентичноста е главната одлика на документарниот театар, истакнува младиот актер Исмет Шабановиќ

Младиот актер Исмет Шабановиќ играл во повеќе претстави во режија на Нела Витошевиќ, и на театарската сцена („Макбет“, „Мојот маж“, „Работи за кои не зборуваме“) и во виртуелниот простор (претставата „Илузии“).

Како дел од актерската екипа во претставата „Работи за кои не зборуваме“, во режија на Нела Витошевиќ, во продукција на „Вондерленд театар“ и копродукција со МНТ, присуствуваше и на театарската работилница која беше посветена на документарниот театар. Работилницата беше водена од Нела Витошевиќ, а учество земале студенти од ФДУ, веќе дипломирани актери, како и луѓе што не се занимаваат со актерството како професија, но биле заинтересирани за тој жанр.

– Првично, учесниците беа запознаени со најважните периоди и луѓе кои го создавале и граделе овој жанр. Беше важно учесниците да се запознаат со овие детали, бидејќи документарниот театар кај нас, за жал, допрва почнува сериозно да се пробива и да добива на важност. Потоа, се занимававме со трагањето по вистината, односно начините и методите преку кои треба да се пристапи кон определен настан што се обработува, а сѐ со цел да се дојде до автентичноста, која е главната одлика на документарниот театар. Во последниот дел преку неколку практични вежби се обработуваа актерските методи преку кои најдобро може да се пренесат определените настани – открива Шабановиќ.

Работилницата беше дел од проектот „Работи за кои не зборуваме“, финансиран од Швајцарската амбасада, додека самата претстава беше создадена во документаристички манир, со користење на анонимни интимни сведоштва.

Екипата на претставата „Работи за кои не зборуваме“ на работилницата за документарен театар во МНТ

– Процесот на создавање документарна претстава е навистина една сеопфатна психолошка лабораторија. Длабокото навирање, првенствено во себеси, а потоа и во суштината на настаните кои се обработуваат, некако сосема ја ништи границата помеѓу, условно кажано, „моето“ и „туѓото“. Документарниот театар на сцена ги носи болните, закопани, долго премолчувани настани, состојби и трауми. Трага по суровата вистина од која сите ние многу често се плашиме. Но, кога човек ќе заплови низ еден ваков процес, тогаш едноставно од ден во ден, од проба до проба, тие уплашени првични чекори кои ги правиме при себеистражувањето стануваат сѐ постабилни и сѐ побрзи. Почнуваме и во туѓите приказни да наоѓаме нешто свое, некоја наша случка, состојба и траума. Затоа, за разлика од други претстави, тука е, речиси, невозможно да изградиш баланс помеѓу дадениот драмски текст и сопствените искуства и сеќавања, особено не од емотивен аспект – забележува Шабановиќ.

За приватниот живот тој вели дека не е човек кој бега од разговор. Секогаш го радува муабет на било која тема. „Важно е само да си сигурен во личноста која ќе ја внесеш и со која заедно ќе скиташ низ внатрешниот лавиринт, бидејќи не секогаш луѓето ќе влезат со цел да ти помогнат безбедно да излезеш од него“, заклучува Исмет Шабановиќ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 106, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21 ноември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот