Австриска лотарија против лотаријата со здравјето: По три лоза за оние со засилувачка доза

Вакцинирани се само 72 отсто од Австријците, што е меѓу најниската стапка во ЕУ - Фотографија ЕПА, Кристијан Бруна

Секој десетти лоз е со добитен ваучер во вредност од по 500 евра

Австриската влада воведе национална лотарија со привлечни добивки за да ги мотивира граѓаните да се вакцинираат против ковид-19 и така да избегнат „лотарија со здравјето“.

– Организираме лотарија во која оние што ќе се вакцинираат може да добијат вредни ваучери. Научивме од минатото дека лотаријата за вакцинирање е најдобриот начин за да се создаде систем за финансиско наградување на оние што ќе се имунизираат – изјави канцеларот Карл Нехамер. На промоцијата присуствуваше и Памеа Ренди-Вагнер, лидерката на опозициските социјалдемократи, кои ја усогласија мерката со владејачките конзервативци.

Во лотаријата ќе учествуваат сите луѓе што примиле или ќе примат вакцина, со тоа што ревакцинираните ќе добијат два лоза, а дури три ќе добијат оние што примиле и засилувачка доза.

Секој десетти лоз е со добитен ваучер во вредност од по 500 евра, кои може да бидат потрошени во малопродажбата, услугите, туризмот, културата и спортот. За наградите за лотаријата властите издвоија приближно 1 милијарда евра.

Вицеканцеларот Вернер Коглер додаде дека целта на доделувањето ваучери е да се поддржат австриските бизниси и да се избегне трошење на добивките преку онлајн-продавниците.

Промоцијата на лотаријата токму во момент кога пратениците расправаат за предложениот закон за задолжително вакцинирање се толкува како сигнал дека нема да се инсистира цврсто на спроведување толку радикална мерка. Во законот се предложени казни за невакцинираните, кои би се зголемувале од 600 евра, па сѐ до 3.600 евра за оние што упорно одбиваат да се вакцинираат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот