Австрија: Уставниот суд го прогласи за неуставен воведениот полициски час

Австрија Виена/Фото: EPA-EFE/CHRISTIAN BRUNA

Судиите заклучија дека министерот за здравство Рудолф Аншобер ги надминал своите законски овластувања.

Полицискиот час во Австрија поради Ковид-19 не бил уставен, пресуди денеска Уставниот суд во Виена, предизвикувајќи критики дека Владата ги игнорирала законите додека донесувала мерки за време на пандемијата на коронавирусот.

Опозициските партии ја повикаа Владата да ги врати парите на луѓето кои биле казнети поради кршење на полицискиот час.

Највисокиот суд донесе пресуда врз основа на жалба на граѓани против Министерството за здравство, кое им забрануваше на луѓето да престојуваат на јавни места, освен ако не се сами или со членови на нивното домаќинство.

Судиите заклучија дека министерот за здравство Рудолф Аншобер ги надминал своите законски овластувања и дека неговите наредби можеле да се засноваат на закон со кој се дозволува забрана само за одредени области, но дека тоа не му давало право да воведе општ полициски час.

Судот, исто така, донесе пресуда против одлуката на Владата прво да отвори продавници за железарија и градинарски центри откако земјата го укина карантинот кон средината на април, а другите видови на големи продавници мораше да останат затворени.

– Уставниот суд не можеше да најде објективна причина за ваквиот нееднаков третман, соопшти судот.

Министерката за уставни прашања Каролин Едстадлер, рече дека Владата допрва треба да ја процени пресудата. Таа не кажа дали ќе се вратат наплатените парични казни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот