Авокадо – Егзотичен деликатес во разни гастрономски комбинации

Фото: Профимедиа

Авокадото е егзотично овошје со необичен изглед сличен на круша. Има зелена груба кора, но мека и вкусна внатрешност, богата со витамини, минерали и други нутриенти. Поради тоа заслужува да се најде на вашето секојдневно мени.

Авокадото има најмногу маснотии во споредба со другите овошја, но тоа не треба да ве спречи да го јадете. Полно е со монозаситени маснотии што се добри за срцето, а во големи количини содржи магнезиум и калиум, за кои е познато дека го намалуваат крвниот притисок. Покрај тоа, авокадото е извонреден извор на растителни влакна, кои го подобруваат метаболизмот. Авокадото освен за исхрана е одлично за убавина, ја хидрира кожата, лекува изгореници од сонце и ги намалува брчките.

Изберете зрело авокадо

Авокадото се јаде сурово. Кога го купувате, избирајте зрели плодови бидејќи лесно се подготвуваат. Но, избегнувајте многу меки плодови, бидејќи тоа значи дека се презреани и не се добри за јадење. Ако купите недозреано, ставете го во хартиена вреќичка и оставете го да зрее на собна температура. Ќе му требаат два-три дена да созрее, а вие секојдневно проверувајте ја мекоста.

авокадо

Зрелите плодови треба да ги чувате во фрижидер.

Измиеното авокадо треба да го излупите. Тоа најлесно ќе го направите откако прво ќе го пресечете на половина, па со помош на лажица ќе ја извадите семката. Потоа со нож исечете го на резанки и излупете го со рака. Покрај тоа има и друг трик, нежно со лажица поминете покрај кората на исечените половинки, додека таа се одвои од месото. Авокадото најдобро е да се искористи веднаш, а ако ви е потребна само една половина, не ја вадете семката од другата половина, попрскајте ја со лимонов сок и завиткајте ја со најлонска фолија.

Добро е во тост, но и во салата

Ако не сте сигурни како да го подготвите авокадото, има низа едноставни а вкусни рецепти, кои секој може да ги подготви. Тостот со авокадо е еден од најпопуларните гурмански хитови. Резанки леб лесно истостирајте ги и на нив наредете тенко исечени резанки од авокадо, па потоа ставете ги сите производи што сакате да ги ставате на тост. Имено, авокадото нема премногу интензивен вкус, поради што одлично се сложува со сè. На тостот со авокадо можете да ставите јајца, шунка, ’ркулци и домати. Љубителите на зеленчук сигурно ќе уживаат во комбинацијата на авокадо со малку копар, ротквички и неколку капки лимонов сок. Секако, авокадото можете да го зачините со лут сос или со чили-пиперчиња.

Пудинг од авокадо и банана, фото- профимедиа

Класичниот појадок или ужина заменете го со здраво смути – измешајте авокадо, тофу и малку сок од крушка и уживајте во богат, освежителен и прекрасен густ сок. Салатите со авокадо се посебно вкусни затоа што авокадото се комбинира со кои било состојки што ги имате дома. Најдобро оди со зрели и сочни домати, а во оваа комбинација се доволни само неколку капки маслиново масло, прстофат сол и свежо мелен црн пипер. Салатите со авокадо можете да ги зачините со свежи зачински билки, пробајте со неколку ливчиња босилек или малку нане.

Гвакамоле или сладолед

Ако сакате мексиканска кујна, секако пробајте такоси со авокадо. Комбинацијата авокадо со црн грав е гурмански врв, а овие вегетаријански такоси ќе ве освојат. За фил за такосите користете црн грав и авокадо, а за посилна арома користете сечкан кељ и пржени семки од сончоглед. Исто така пробајте го авокадото во веге-бургери.

Секако неодминлив рецепт е гвакамоле салата, која е најздрава. Основни состојки освен авокадо, се маслиново масло, лимонов сок, лук, кромид и луто пиперче. Зачинете со голема количина лимонов сок и лимета за да ја задржи подолго време зелената боја. Секако со состојките можете да експериментирате и да додадете свеж магдонос, домати или шпаргли.

Не ги заборавајте десертите со авокадо. Од него најлесно се прави сладолед – се миксира авокадото со сок од лимон, млеко и шеќер додека добиете воедначена смеса. Потоа префрлете ја во поголем сад и додајте слатка павлака, измешајте и ставете го да стои во фрижидер 4-6 часа. Можете да приготвите и пудинг – авокадото со какао во прав и мед се претвора во кремаст десерт со богат и неодолив вкус. Готово е за неколку минути, а не треба да се вари.

Ладните супи од авокадо исто така брзо се готват, а се освежителни. Во блендер измешајте авокадо, свежа краставица, малку кромид. Додајте готова растителна супа, кисела павлака и лимонов сок. Измешајте и зачинете со сол и црн пипер. Изладете ја супата ако сакате екстра свежина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот