АВМУ реагира на најавите на Рашковски: Заканите за тужби се директен притисок врз медиумите

АВМУ / Фото: Архива на Слободен печат

Во врска со изјавата на генералниот секретар на Владата Драги Рашковски дадена на денешната прес-конференција дека ќе покрене тужби против новинари и медиуми, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги преку соопштение истакнува дека ваквите постапки преставуваат директен пристисок врз работата на медиумите.

Од АВМУ посочуваат на наводите во Декларацијата за слобода на политичка дебата во медиумите на Советот на Европа: „јавните функционери мора да прифатат дека тие ќе бидат предмет на јавен надзор и критики, посебно по пат на медиумите во поглед на начинот на кој ги извршувале или ги извршуваат своите функции во онаа мера во која тоа е неопходно поради обезбедување транспарентност и одговорно извршување на функцијата”.

„Секој, вклучително и носител на јавна функција кој смета дека медиум му наштетил на угледот, честа или интересите така што објавил нешто неточно, погрешно или лажно за него или објавил нецелосна информација има право од медиумот да побара да објави исправка или одговор на објавената информација. Агенцијата постојано апелира првенствено да се користи правото на исправка или одговор наместо директно да се прибегнува кон тужби против новинари и медиуми, особено кога станува збор за носители на јавни функции“, се наведува во соопштението.

Воедно, се посочува дека заканите за тужби, наместо користењето на правото на исправка или одговор претставуваат загрозување на слободата на информирање и воопшто, на слободата на медиумите.

„Во ниту еден момент не треба да се заборави дека улогата на медиумите е да бидат критички настроени и коректори на власта и дека тие треба да се охрабруваат темелно и професионално да ги извршуваат своите обврски кон јавноста“, стои во соопштението од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот