АВМУ: Брзи, точни и навремени информации и натаму се главни предизвици за медиумите

АВМУ / Фото: Архива на Слободен печат

Само професионални и независни медиуми придонесуваат за општествен и демократски развој, порачува Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, по повод одбележувањето на Светскиот ден на слобода на медиумите, под мотото „Медиуми за демократија: новинарството и изборите во време на дезинформации”.

– Во денешните општества сведоци сме на се повеќе дезинформации и во изборни циклуси и надвор од нив кои се огромна закана и за медиумите и за демократијата. Брзите, точни и навремени информации и натаму главни предизвици за медиумите при информирање на јавноста и извршување на нивната улога – коректор на власта, се вели во денешното соопштение од АВМУ.

Од Агенцијата сметаат дека денешниот ден е можност да се реафирмираат основните принципи на медиумската слобода, да се процени степенот на оваа слобода, да се одбранат медиумите од нападите по нивната независност и да им се оддаде почит на новинарите кои ги загубија своите животи извршувајќи ги своите професионални обврски.

Според последниот извештај на Репортери без граници, состојбата со слободата на медиумите во Република Северна Македонија е подобрена, но пред нас има уште многу предизвици.

Агенцијата, велат оттаму, како и досега, ќе продолжи да делува проактивно на полето на унапредување на професионалните стандарди и на зголемување на свеста кај медиумите за улогата и одговорноста што ја имаат во општеството и пред граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот