Август – месец за кино под отворено небо во Кинотеката

„Тркало на среќата и фантазијата“ на Рјусуке Хамагучи

Август е месец создаден за вечерни кино-проекции под отворено небо, соопштија од Кинотеката, најавувајќи ја програмата на летното кино „Мирно лето“.

Августовската програма на Кинотеката почна со актуелни француски филмови. „Париз – љубовна приказна“ (Les Olympiades, Paris 13e) на Жак Одијар е забавен сплет од приказни за ликови што се спојуваат во 13-тиот арондисман на француската престолнина, а по него следуваше „Кадифена кралица“ (La panthère des neiges) на Мари Амиге и Венсан Миние, документарец за потрагата по снежниот пантер. Следуваше „Сѐ помина добро“ (Tout s’est bien passé), драма на Франсоа Озон на контроверзна тема, за евтаназија.

На 5 август, во 18 часот, на програмата е „Вселенско момче“ (Space Boy) на Оливие Перу, филм за најмладите, за 11-годишно момче кое ги обожува вселената и науката. Истата вечер, од 20 часот, е јапонскиот „Тркало на среќата и фантазијата“ на Рјусуке Хамагучи, кој раскажува три приказни за три женски ликови и нивниот избор во неочекувани ситуации: љубовен триаголник, неуспешна замка за заведување и средба произлезена од недоразбирање.

„Титан“ на Жулија Дукурно

Следува францускиот „Титан“ (Titane) на Жулија Дукурно, контроверзна бајка за возрасни исполнета со гнев, љубов и осаменост. Добитник е на 28 награди, меѓу кои и „Златната палма“ во Кан 2021. Има повеќе од 110 номинации, а со него свечено беше затворено минатогодишното издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Филмот „Фабијан“ (Fabian oder Der Gang vor die Hunde) на Доминик Граф освои шест награди на германските филмски фестивали. Сместен е во подземјето во Берлин во 30-тите години од минатиот век, каде борделите се уметнички ателјеа, а на улиците има нацисти.

Чилеанскиот „Ема“ (Ema) на Пабло Лараин има неверојатна енергија, добра музика и фантастична кореографија, а според критичарите, улогата на Маријана Ди Хироламо е една од најдобрите во светскиот филм во 2019. Акцијата „Планина на смртта“ (Feng bao) на Ли Џун е еден од најгледаните кинески филмови годинава во светот и е за личната заложба на главните јунаци кои го спасуват својот град од природна катастрофа.

„Јалда, ноќ за прошка“ (Yalda, a Night for Forgiveness) во француско-белгиско-иранска копродукција, во режија на Масуд Бакши, го поставува прашањето дали телевизиските реални шоуа можат да бидат замена за правдата. Францускиот „Светот после нас“ (Le monde après nous) на Лода Бен Салах е за љубовните проблеми на сиромашниот писател Лабиди. Германскиот „Голема слобода“ на Себастијан Мајзе говори за машката хомосексуалност што два века е кривично дело во Германија.

Полскиот „Пот“ (Sweat) на Магнус фон Хорн е приказна за инфлуенсерите на социјалните мрежи низ призмата на популарна фитнес инструкторка. „Ноќ на кралевите“ (La nuit des rois) на Филип Лакот е снимен во џунглата на Брегот на слоновата коска, каде што затворот под отворено небо е арена. Следува хрватскиот „Мајка“ (Mater) на Јуре Павловиќ, за трауматизирана жена злоставувана од својата мајка.

„Носферату, симфонија на стравот“ на Фридрих Вилхелм Мурнау

Во август има и две проекции на филмови на 35 мм лента: „Ѕвезден човек“ (Starman) на Џон Карпентер и „Деца“ (Kids) на Лери Кларк. Програмата завршува со Фестивалот на нем и класичен филм и „Носферату, симфонија на стравот“ (Nosferatu, eine Symphonie des Grauens) на Фридрих Вилхелм Мурнау, што заради сугестивната мрачна атмосфера комбинирана со мелодраматичната морбидност бил сметан за исчекор за стандардите на германскиот експресионизам.

(Текстот е објавен во ТВ и Филмски печат на 5 август 2022 во весникот „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот