Авганистанците повикаа за прекин на огнот, талибанците не прифатија

Со повик за мир со талибанците и ветување дека ќе бидат ослободени 175 талибански заробеници пред Рамазан, денеска заврши Генералното собрание во Авганистан, што го свика претседателот Ашраф Гани.

Повеќе од три илјади делегати од сите делови на Авганистан се собраа во Кабул на седница на Генералното собрание, со цел да се постигне мировен договор помеѓу централните власти и талибанците.

Генералното собрание „Лоја Џирга” се одвиваше под силни безбедносни мерки, во голем шатор во кој околу 3.200 верски лидери, политичари и претставници на етнички и племенски заедници разговараа за можен договор.

– Сакам да им порачам на талибанците дека изборот сега е во нивни раце, рече Гани на церемонијата на затворање во Кабул и додаде дека сега на нив е редот да покажат што сакаат да направат.

Гани рече дека пораката од петдневниот собир е јасна – Авганистанците сакаат мир и понудија прекин на огнот, иако тој истакна дека тоа нема да биде еднострано.

Во соопштение што денеска е објавено, талибанците ги отфрлија предлозите за прекин на огнот, истакнувајќи дека прво мора да се повлечат САД и НАТО од земјата.

Тие најавија дека ќе продолжат да напаѓаат и за време на Рамазан, но и дека борците се многу претпазливи кон цивилите за време на која било операција.

Талибанците, кои настојуваат повторно да воспостават строги шеријатски закони, одбиваат да разговараат со Владата на претседателот Ашраф Гани, бидејќи го сметаат за американска марионета и поради тоа ја одбија поканата на „Лоја Џирга”.

Од октомври минатата година, САД и Талибанците одржаа неколку рунди преговори.

Американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да ја прекине најдолгата американска војна што започна кога силите предводени од САД ги соборија талибанците по нападите на САД на 11 септември 2001 година.

САД сакаат да се повлечат од Авганистан, но за возврат бараат од талибанците да гарантираат дека земјата повеќе нема да користи екстремисти кои би ја загрозувале безбедноста во светот.

На седницата на Генералното собрание учествуваа и неколку десетици жени, кои истакнаа дека Авганистан никако не смее да направи чекор назад во однос на правата на жените стекнати по соборувањето на талибанците.

– Повлекувањето на странските сили не треба во никој случај да значи дека ќе заборавиме сè што е направено за правата на жените и дека ќе мора повторно да страдаме, рече Семин Нури, која предводи  еден од одборите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот