Авганистан: Обиди за извлекување илјадници преведувачи што работеле за САД

Талибанците во Авганистан / Фото: EPA-EFE/JAWAD JALALI

Околу 18 000 Авганистанци што работеле за американските сили се пријавиле за специјална виза што би им овозможила да заминат во САД, но на многумина им се одбиени апликациите и тие стравуваат од крвава одмазда.

– Го напуштивме домот во Кабул зашто се плашам дека ние сме следните. Загрижен сум за безбедноста на моето семејство. Нема многу работа во оваа земја, а ситуацијата со безбедноста е многу лоша, вели Наџибулах Сахак.

– Нашата амбасада ќе продолжи да функционира и кога ќе ги повлечеме силите. Ќе продолжи и обработката на апликациите за специјални визи, дури и на лицата што ќе останат во Авганистан, соопшти претставник на Амбасадата на САД во Кабул.

Повеќе од еден месец пред официјалното затворање на американската воена мисија во Авганистан, талибанците не само што заземаат сѐ поголема територија, туку почнаа и со брутално наметнување на својот репресивен систем врз соработниците на странските окупациски сили, од што стравуваа и на што предупредуваа експертите и аналитичарите.

Од крвава одмазда особено стравуваат преведувачите и возачите ангажирани од американската војска, кои талибанците веќе ги прогласија за „предавници“ и „неверници“ и им изрекоа смртна казна. Си-ен-ен вчера објави потресна приказна за 32-годишниот преведувач Сохали Пардис, кого талибанците во мај го пресретнале во заседа и му ја отсекле главата.

Пардис им признал на своите пријатели дека добивал смртни закани од талибанците, кои откриле дека 16 месеци работел како преведувач за Армијата на САД.

– Тие му велеле: „Ти си американски шпион, ти си очите на Американците и ти си неверник. Ќе те убиеме и тебе и твоето семејство“, раскажува неговиот пријател и соработник Абдулхак Ајуби.

На 12 мај Пардис патувал од главниот град Кабул кон блиската провинција Хост за да го прослави со сестра си Еид ал фитр, крајот на светиот месец Рамазан. На пуст дел од патот бил запрен на контролен пункт поставен од талибанците. Жители на блиското село забележале како возилото забрзало и било запрено со рафали истрелани во него. Талибанците го извлекле Пардис и му ја отсекле главата, раскажале селани на претставници на Црвената полумесечина.

Талибанците немаат милост

Илјадници Авганистанци што биле ангажирани како преведувачи од американските сили се плашат дека ќе бидат прогонувани од талибанците или дека ќе ја претрпат судбината на нивниот колега Пардис. Тие не веруваат во искреноста на соопштението на талибанците објавено во јуни дека нема да ги повредат оние што работеле за странските сили. Претставник на талибанците изјави дека ќе го истражат случајот со Пардис, но и истакна дека „некои инциденти не се такви како што биле раскажани“.

– Тука не можеме повеќе да дишеме. Талибанците немаат милост за нас, рекол Ајуби за Си-ен-ен.

Приближно 18 000 Авганистанци што работеле за американските сили се пријавиле за специјална виза што би им овозможила да заминат во САД. На 14 јули Белата куќа ја објави Операцијата засолниште за сојузници, како обид за згрижување на авганистанските преведувачи и толкувачи, чии животи се загрозени. Токму деновиве ќе почне префрлањето на лицата чии барања за виза се одобрени од Авганистан во воена база во Вирџинија, потврди портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки.

Властите во Вашингтон објавија дека разговараат и со други земји да прифатат дел од авганистанските баратели на азил во периодот додека не заврши долгиот бирократски процес на одобрување визи.

Отфрлени визи

Но, во Авганистан се загрозени многу повеќе луѓе од оние што побарале специјални визи. Меѓу нив е деветгодишната ќерка на Пардис, за која се грижи нејзиниот чичко.

– Го напуштивме домот во Кабул зашто се плашам дека ние сме следните. Загрижен сум за безбедноста на моето семејство. Нема многу работа во оваа земја, а ситуацијата со безбедноста е многу лоша, вели Наџибулах Сахак.

Наместо да го крие својот идентитет како повеќето во слична позиција, тој смета дека талибанците веќе го имаат на своите списоци, па објавувањето на името во меѓународни медиуми го смета како „последна шанса да не биде убиен“.

Други, пак, биле отфрлени од американските сили откако работеле за нив, поради што сега не можат да добијат виза, а во исто време се чувствуваат загрозени од одмазда.

И Пардис, по 16 месеци работење како преведувач за САД, бил отпуштен во 2012 година откако не го поминал „рутинскиот“ тест на полиграф за пристап до американските бази. Тој настојувал да добие специјална виза, но поради отпуштањето, неговата апликација била отфрлана.

Претставник на Амбасадата на САД во Кабул вели дека „активно се работи на сите случаи за да им се помогне на сите што им помагале на САД“.

– Нашата амбасада ќе продолжи да функционира и кога ќе ги повлечеме силите. Ќе продолжи и обработката на апликациите за специјални визи, дури и на лицата што ќе останат во Авганистан, соопшти претставникот.

Обработката на апликациите е долг процес бидејќи се проверува дали лицето претставува ризик за националната безбедност на САД.

Претседателот Џо Бајден на 8 јули објави дека ќе бидат евакуираат сите преведувачи што работеле за САД како и нивните семејства.

– Нашата порака до тие жени и мажи е јасна. За вас има дом во САД, ако тоа го изберете, и ние ќе бидеме покрај вас како што вие бевте покрај нас.

Но, Авганистанците со отфрлени барања за визи се чувствуваат напуштени од Америка.

– Мислев дека ќе имаме убав Авганистан. Никогаш не помислувавме на ваква ситуација. Љубезно бараме од претседателот Бајден да нѐ спаси. Ви помогнавме и вие мора да ни помогнете, вели Ајуби.

Од в година американски војници само како советници во Ирак

САД до крајот на оваа година ќе го официјализираат крајот на борбената мисија во Ирак и во земјата ќе останат присутни само заради обука и советување на ирачките сили, јави МИА.

Во Ирак сега има околу 2500 американски војници во Ирак, ангажирани на операции за уништување на остатоците од џихадистичката група Исламска држава. Американски офицери веќе учествуваат во обука на ирачките сили.

– Администрацијата на (претседателот Џо) Бајден сака да остане во Ирак бидејќи ирачката влада нè повика и побара од нас да продолжиме, истакна висок претставник на одбраната, кој побарал да остане анонимен.

Тој додаде дека американската мисија ќе се фокусира на логистика, одржување на опремата и помагање на ирачките сили во натамошниот развој на нивните разузнавачки и набљудувачки способности.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот