Авантура за 800 денари на адреналинската платформа во Карпош

Адреналински парк во Карпош / Фото: Општина Карпош

Дури 800 денари ќе треба да издвои еден граѓанин кој ќе сака да се искачи на адреналинската платформа во новиот парк во Карпош, лоциран долж кејот на Вардар, што беше отворен вчера. За карпошани кои поседуваат картичка „Мој Карпош“ и за деца од 6 до 16 години, цената е пониска односно, нив таа авантура ќе ги чини по 600 денари.

Со адреналинската платформа стопанисува „Адвенчр сајд“, од каде велат дека високата цена на билетот за наши услови е поради тоа што се високи трошоците за закупнина која ѝ ја плаќаат на Општина Карпош, но и дека објектот подлежи на голема амортизација. Покрај тоа, како што објаснува Данило Апостолски од „Адвенчр сајд“, за да се обезбеди максимална безбедност на посетителите се користат појаси и ролери со врвен квалитет, кои што се исто така скапи, а со посетителите работат лиценцирани инструктори. Притоа, закупувачот е обврзан да прави и проценка на техничката исправност на објектот, која на годишно ниво чини 2500 евра.

-Големите трошоци подразбираат и висока цена, но ако погледнете во регионот каде има вакви платформи, нивното користење се наплатува од 20 до 25 евра. Ние се обидовме да одиме со пониска цена, која би била попристапна за посетителите. Можам да кажам дека уште денеска има многу заинтересирани граѓани. За таа цена посетителите ќе добијат час и половина авантура и обука за искачување на трите нивоа на платформата, придружба од лиценцирани инструктори и неограничено пуштање со зип-лајнот – вели Апостолски.

Тој прецизира дека на платформата, пред нејзиното пуштање во употреба е извршена проценка на состојбата од лиценцирана француска фирма, за да се гарантира безбедноста на сите оние кои ќе решат да си дозволат една ваква несекојдневна адреналинска забава.

Во новиот Адреналински парк, освен платформата, чие работно време е од 17 до 23 часот, има и спортски дел, односно игралишта за фудбал и одбојка на песок, како и детско игралиште, кои ќе работат од 10 до 23 часот. Нивното користење за сите посетители е бесплатно.

-Сите заинтересирани граѓани слободно можат да ги користат игралиштата за фудбал и одбојка до 16:00 часот, а за спортување во попладневните часови треба да закажат термин на [email protected] или на телефонскиот број 072  911 135. Закажувањето на термини за време на викендите е до петок до 15:30 часот.Користењето на овие делови е без никаков надомест – информираат од Општина Карпош.

Оттаму додаваат дела целиот целиот спортско – адреналински парк е под 24 часовно обезбедување од приватна агенција и апелираат до граѓаните на одговорно користење на сите содржини во оваа спортско рекреативна зона.

Адреналинскиот парк се протега на површина од 10.000 метри квадратни, по должина на Кејот на Вардар во општина Карпош и е прва спортско –рекреативна зона од ваков вид во Скопје. Изграден е со грант од Европската унија во висина од 41.000.000 денари, а учеството на локалната самоуправа е со 6.300.000 денари

Градоначалникот Стефан Богоев на отворањето на паркот истакна дека изградбата на овој парк е потврда на заложбата на општината за  креирање на зелена општина и овозможување на зони за спорт и рекреација на сите граѓани. Во рамки на оваа зона засадени се и 80 висококвалитетни дрвја, нова тревна површина, а поставен е и систем за наводнување на зеленилото.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот