„Авалон“: Концертот на Бајага ќе биде последен, нема да организираме ништо додека не заврши корона кризата

instagram

Концертот на Бајага и инструктори кој ќе се одржи на 13 септември, на стадионот на АРМ, ќе биде и последен концерт во организација на „Авалон продукција“, се додека СЗО не објави победа над Ковид 19. Ова денеска на прес конференција го објави првиот човек на Авалон продукција, Бобан Милошевски.

– Многу е тешко да се работи во услови на криза. Ние не се предадовме веднаш, успеавме годинава да организираме 13 концерти, но стресот е преголем. Потешко се справувам со затворените граници, веројатноста изведувачите да не ги пуштат на граница, или да бидат ставени во карантин, отколку со финансиската загуба. За жал, ќе мораме после концертот на Бајага и инструктори да направиме голема пауза, рече Милошевски.

Тој исто така истакна дека македонските пејачи не се заинтересирани за организирање концерти, без разлика дали има коронавирус, или не.

– Полесно ќе ми биде да го вратам Жељко Бебек во Бело дугме, отколку да натерам македонски пејач да организира концерт. Прво, затоа што се плашат дека нема да бидат успешни, односно дека нема да продадат карти, или затоа што мислат дека цела заработка од концертот ќе им ја земам јас. Доколку пејачите од Македонија размислуваа поразлично, концертната сезона ќе беше исполнета, бидејќи организацијата е полесна за наши пејачи, отколку за странски, нагласи првиот човек на Авалон.

Тој додаде дека откажаните концерти веројатно ќе се презакажат за 2021 година. На концертот на Бајага и инструктори ќе им претходат концертите на Електични оргазам, кој ќе се одржи на 11 септември. За овој концерт во продажба ќе бидат пуштени само 1.200 билети. „Скопје колинг“ ќе се одржи на 12 септември на стадионот на АРМ, а ќе настапат Фолтин, Ласт експедишн, Плутос даубтс.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот