
Аун бара од Макрон да го обврзе Израел да го почитува примирјето со Либан
Либанскиот претседател Џозеф Аун денеска побара од својот француски колега Емануел Макрон да го обврзе Израел да го спроведе договорот за прекин на огнот со Хезболах со цел да се зачува стабилноста во регионот.
Препорачано
Макрон му рекол на Аун во телефонски разговор дека ја продолжува комуникацијата со официјални лица за да се обезбеди одржување на мирот, објави Ројтерс.
Претходно денеска, израелската војска ги предупреди либанските граѓани да не се враќаат во селата во близина на границата до понатамошно известување, додека либанската армија го обвини Израел за одложување на повлекувањето на војниците од јужен Либан, што требаше да биде завршено утре како дел од прекинот на огнот со Хезболах, пренесува Танјуг.
Обвинувањата дојдоа еден ден откако израелските власти соопштија дека израелската војска нема да се повлече од Либан до утре, со што се прекрши мировниот договор со Хезболах според кој израелските војници треба да го напуштат јужниот дел на Либан 60 дена по прекинот на огнот постигнат на 27 ноември.
Според договорот за прекин на огнот, израелската армија треба да ги предаде позициите во јужен Либан на либанската армија до 26 јануари, а Хезболах треба да се повлече северно од реката Литани, на околу 30 километри од границата со Израел. Сепак, Израел наводно побарал 30-дневно продолжување на договорот за прекин на огнот, тврдејќи дека либанската армија премногу бавно се распоредува низ регионот, давајќи му време на Хезболах да се прегрупира.