Атрофија на мозокот

Сите оние што себеси се сметаат за правдољупци и човекољупци не би требало да има никакви дилеми: враќањето на еднаквоста, вистината и правдата, враќањето на слободниот Човек, се најважните и највредните задачи на кои треба да се работи и од науката, и од културата, и од образованието, и од политиката

Светот, недвојбено, забрзано се запатил кон нови страдања и трагедии. Како и пред катастрофата од триесет и деветтата на минатиот век, денешните „луди“ геостратегиски игри бурно растат и се претвораат во најпротивречни облици на коегзистенција меѓу државите. Денешниот доминантен предаторски општествен систем, претставува опасност за преживување на планетата, а, сосема очигледно, претставува и опасност за Човекот, бидејќи се заканува да го осакати и да го преобрази во негација на сè што е достоинствено во него, да го обесчести до пасивно општествено средство и економско орудие за производство на профит на големите Господари, да го понижи и претвори во додаток на машините.

Денес Човекот е отуѓен не само од својот труд, како што учеше умниот Маркс, туку, отуѓен е од секој одуховен начин на живот. Владејачкиот капиталистички систем изобличи сè. Создава најмизерни услови за човечката егзистенција, создава систем што го подредува и заробува Човекот и од него не само што создава бројка (како онаа во Химлеровите конц-логори), туку создава нула, создава карикатурална реплика, дури и на античкиот роб. На крајот, овие владејачки општествени сили ќе ги запалат сите пет континенти во пожарот на војните за моќ и профит. Впрочем, сè она што денес ни се случува, сите денешни бурни и мрачни облаци што заканувачки се надвиснале над нашите глави, многу јасно ни ја оцртуваат жалната и несреќна иднина што ни ја подготвуваат неолибералните херерасауруси.

Мерки за заглупување

Ние живееме во време во кое атрофијата на човечкиот мозок е веќе сериозно опасна за опстанокот на човечката раса. Ако човек стане параноичен и започне да размислува во рамките на апокалиптични шаблони, тогаш сериозно може да му се причини дека некој денес, на глобално ниво ги читал и ги имплементира фашисоидните расни теории, особено оние нивни делови по кои „развиениот човечки ум претставува опасност за човековата плодност“. Имено, некои фашистички „мислители“ покажувале и „докажувале“ дека растот на мозокот негативно влијае врз големината и функционалноста на органите за размножување, па „западната цивилизација“ може да изумре и да пропадне како што изумреле диносаурусите и нивните блиски роднини. Оттука, се чини дека денес, се спроведува некој голем проект во кој, освен што се измислуваат фармацевтски иновации за развојот и функционалноста на репродуктивните органи, освен што се фаворизираат начини на живот, кои го развиваат физикусот наспроти интелектот, се имплементираат низа мерки и постапки за оглупавување на населението преку неквалитетното образование и убиството на моралот преку сеприсутните  религиска и медиумска порнографија.

Евроатлантските победници од минатовековната Студена војна, поради закржлавување на мозокот, очигледно заборавиле што беше фашизмот и што би значело неговото воскреснување токму од нив. За да се потсетат, не мора да се навратат на Минхенската конференција и последиците од неа, ама барем нека ја погледнат книгата „Националсоцијализмот и позитивното христијанство“ од Јулиус Купич (Julius Kuptsch, Nationalsozialismus und positives Christentum, Verlag Deutsche Christen, 1937.), каде што убаво „научно“ и „морално“ се образложува дека „ако се прашуваме зошто Хитлер станал голем, моќен и отмен како ниеден од пред него во историјата на германскиот народ, тогаш одговорот гласи дека тој суштински, мисли, дејствува и говори како Христос“.

Највредните задачи

Така, впрочем, „како ниеден пред него“ Хитлер и неговите верни епигони започнаа крстоносна војна за спас на „западната цивилизација“ преку уништување на Советскиот Сојуз и болшевизмот, Евреите и сите еретици, па го доведоа светот во состојба на урнатина и нешто што наликува на нивниот „позитивно христијански“ пекол. Денес, кога повторно, масовно, се тргува со антиисламизмот, антикомунизмот, анти-антифашизмот, кога сведочиме присуство на сеопшта духовно-хуманистичка атрофија, кога се врши брутална политичка ревизија и цензура на историската вистина преку фашизоидни „резолуции на Советот на Европа“, сите, порано или подоцна, ќе останеме обезглавени во казаните од пеколот кој ни го проектираат христијанските „позитивни“ конзервативци и неолиберали од Варшава до Ватикан и Вашингтон.

Затоа, за сите оние што себеси се сметаат за правдољупци и човекољупци не би требало да има никакви дилеми: враќањето на еднаквоста, вистината и правдата, враќањето на слободниот Човек, се најважните и највредните задачи на кои треба да се работи и од науката, и од културата, и од образованието, и од политиката.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот