Атлетико мора да заборави на „автобусот“ против Сити, Ливерпул нема да се штеди против Бенфика

На првиот натпревар, фудбалетите на Атлетико не упатија ниту еден шут кон голот на Едерсон/ фото: EPA-EFE/PETER POWELL

Вечерва се играат преостанатите два реванш четвртфинални натпревари во Лигата на шампионите и во кои англиските екипи влегуваат со предност, додека Атлетико мора да ја смени филозофијата и да заборави на „автобусот“ пред голот на Јан Облак доколку сака пласман во полуфиналето.

Но, тренерот Диего Симеоне најавува дека нема да го менува стилот на игра за да ги задоволи стручните консултанти, аналитичари, тренери или навивачи, туку ќе се обиде да го промени рецептот со кој во последната деценија во ЛШ „уриваше“ екипи како Барселона, Баерн Минхен, Ливерпул, Манчестер јунајтед…

Но, вечерва за противник ќе имаат поинаков тим, Манчестер сити кој е предводен од Пеп Гвардиола и кој обожува да ја има топката со своите нозе. Исто така, играчите на Атлетико ќе мора да сторат се за да не го повторат негативниот рекорд од првиот натпревар кога не упатија ниту еден шут кон голот на Едерсон.

– Јас сум тренер од 2005 година и секогаш сум ги респектирал колегите. Но, секогаш се појавуваат поранешни играчи или тренери кои зборуваат нешто само за да привлечат внимание во јавноста. Не им обрнувам внимание на таквите луѓе. Играме против екипи која е одлична и на која не смееме да и оставиме простор. Ќе се обидеме да играме игра со која можеме најлесно да „ги повредиме“ – изјави Симеоне.

Манчестер сити според оложувалниците е фаворит и на вечерашниот натпревар, но и за триумф во Лигата на шампионите.

– Вечерва не очекува сосема поинаков натпревар, играчите на Атлетико ќе ги имаат навивачи покрај себе, ќе бидат поагресивни. Мора да се приспособиме, дури и да примиме гол ќе мора да дадеме се од себе да се вратиме во игра – вели менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола.

Во второто вечерашно четвртфинале, Ливерпул против Бенфика пред своите гледачи „ќе ја брани“ предноста од 2:1 од првиот натпревар. Иако за експертите и најголем дел од медиумите, овој натпревар треба да претставува формалност, Јирген Клоп ќе ја нападне Бенфика со најсилниот состав.

– Бевме добри на првиот натпревар во Лисабон, но сакаме да бидеме уште подобри пред нашите гледачи. Ќе се обидеме добро да се браниме и поагресивно да напаѓаме, да победиме повторно и да им испратиме порака на сите – да бидеме тим против кого никој не сака да игра – рече Клоп.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот