Атина работи на план за отворање на туристичката сезона

Портпаролот на грчката Влада вели дека и во втората фаза од олабавувањето на мерките во земјата ќе преовладуваат индивидуалната одговорност и колективната зрелост.

Во очекување на унифицираниот предлог план од Европската комисија, владата во Грција работи на план за постепено рестартирање на домашниот и странскиот туризам. Ова го изјави грчкиот владин портпарол Стелиос Пецас.

Пецас објасни дека планот ќе биде соопштен кога ќе се финализираат разговорите на европско ниво.

-За да стигнеме до кохерентен план што ќе ги вклучува не само прашањата на домашниот туризам, туку и на странскиот туризам, кои во голема мерка зависат од напредокот на разговорите на европско ниво за авиопревозниците, сѐ уште е релативно рано. Кога ќе го финализираме ова планирање, во координација и со завршувањето на разговорите на европско ниво, тогаш ќе го соопштиме кохерентниот план, рече портпаролот на грчката Влада.

Одговарајќи на новинарско прашање за предвремени избори или реконструкција на Владата, Пецас рече дека грчкиот премиер не размислува ниту за избори, ниту за реконструкција.

Во однос на втората фаза од олабавувањето на рестриктивните мерки, што започна денеска, Пецас изрази надеж дека и „во вториот чекор кон новата нормала ќе преовладуваат индивидуалната одговорност и колективната зрелост”.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот