Атиџе и „Медена земја“ освоија повеќе од Оскар!

Преку Атиџе ја видовме вредноста на „обичниот“ човек, измачениот селанец кој не знае да ракува со модерната технологија, нема ниту основно образование, но го има она што денеска на сите ни недостига – неизвалкана, чиста душа која знае само за добрина и поради тоа ги цени и најситните детали во животот.

Зарем нема поубаво чувство од тоа да му направиш добро на некого, да препознаеш нешто во него и да постигнеш сето тоа да биде забележано во општеството? Целиот тим на документарецот „Медена земја“, на чело со режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, го остварија токму тоа.

За последната жена одгледувач на диви пчели во Европа до пред некое време не знаеше никој, а сега Атиџе Муратова е нашата хероина, која, исто како и сите ние, нема никаква причина да жали за пропуштената шанса да ѝ донесе Оскар на Македонија.

Атиџе за првпат во животот се почувствува како птица на небото кога леташе со авион, го запозна светот, бројни критичари и славни актери и оддадоа почит и признание, а безброј новинарски екипи ја контактираа за да направат интервју со неа.

Нејзиниот однос со пчелите и природата нѐ воодушеви сите, но односот на Атиџе кон животот и покрај суровиот пат кој го изодела досега, не само што е за поздрав, туку целото тоа прикажно преку „Медена земја“ значи дека таа е апсолутен победник.

Двете номинации за најпрестижната филмска награда се историја, па простор за разочарување нема.

Муратова храбро излезе на црвениот тепих и во духот на церемонијата, на која можевме да слушнеме многу инспиративни говори за животот и природата, како оној на актерот Хоакин Феникс, целиот свет ги слушна и мудрите зборови на пчеларката.

-Посакувам сите луѓе да споделуваат помеѓу себе како што јас споделувам со пчелите – порача скромната Атиџе.

Нејзината душа е мека како памук, а секој збор е лекција сама по себе, по што наликува на лик од македонските народни приказни, сакајќи да ни пренесе една толку едноставна, а толку силна порака – дека треба да го сакаме животот, да споделуваме помеѓу себе и да се грижиме за природата.

Нејзиниот однос кон природата ги импресионира сите, а нејзината животна приказна носи солзи на очите, иако таа и покрај сѐ, чекори весело и постојано е насмеана, па дури и редовно пее.

Преку Атиџе ја видовме вредноста на „обичниот“ човек, измачениот селанец кој не знае да ракува со модерната технологија, нема ниту основно образование, но го има она што денеска на сите ни недостига – неизвалкана, чиста душа која знае само за добрина и поради тоа ги цени и најситните детали во животот.

Жално е што признанијата за Атиџе и „Медена земја“, речиси како што е и обичај кај нас, мораа прво да дојдат од страна, за ние конечно да сфатиме всушност што имаме дома, меѓутоа, благодарение на целиот тим кој стои зад документарецот, Атиџе сосема заслужено беше избрана за личност на годината и во многу наши медиуми.

Овие денови навистина е убаво да се види нејзиното име во сите весници и портали, Атиџе им го зеде местото на насловните страници на политичарите,  па граѓаните конечно имаа прилика да  доживеат  една вистинска емотивна животна приказна, но и да се запознаат со личност каква што ретко се наоѓа во 21 век.

Поради сето ова, сите прекрасни работи кои изминатиот период и се случија на оваа жена се дури и малку, а иако таа е синоним за скромност , па дури и половина од својата слава ќе ни ја препушти нам, ред е да и се радуваме и да ја пречекаме во Македонија како победник, бидејќи за нас таа освои повеќе од Оскар.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот