Атанасовски: Можевме порано да го решиме спорот со Грција и да се интегриравме во НАТО и ЕУ (ВИДЕО)

Решавањето на спорот со Грција преку Преспанскиот договор го отвори евроинтегративниот пат на државата и за тоа треба да се поддржи. Од друга страна, прашање е зошто изминативе 30 години македонските политички елити го одлагаа решението, а со тоа ја ослабнаа и македонската позиција, вели историчарот Благојче Атанасовски за „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

-Договорот е резултат и на меѓународниот притисок, пред се американскиот, германскиот и британскиот како излез на спорот кој многумина го сметаа и за безбедносен. Со решавањето на спорот со Грција, Македонија е во редот на земјите членки на НАТО и кои имаат трасирано пат кон ЕУ. Од тој аспект, Договорот треба да се поддржи. Од друга страна се поставува прашањето зошто македонските политички години 30 години немаа заеднички став за нашите позиции, кога можевме и порано да го завршиме ова прашање и порано да се интегриравме во НАТО и ЕУ, изјави Атанасовски,.

Тој додаде дека доколку Договорот не се постигнеше во 2018 година, и ако уште 20-30 години преговаравме, нашите позиции веројатно ќе беа многу полоши.

-Така е со секој историски проблем кога се одложуваат решенијата, а послабата држава секогаш губи со полоши решенија. Така е со Израел-Палестина и Србија-Косово, тврди тој.

Атанасовски потсети дека самиот проблем со уставното име се создаде уште со создавањето на македонската држава во 91’ година и смета дека истиот е без преседан.

-Во светот немало ист проблем, друга држава да и го негира на соседната, правото на нејзиното име. Не постои меѓународен дипломат или политичар кој не знае дека меѓународното право е наша страна, но секогаш кога преговаравме со политичките власти, ние не сакавме да прифатиме дека се наоѓаме во длабока асиметрична позиција. Грција во меѓународниот свет има подобра позиција. Апсолутно сите меѓународни авторитети во ЕУ знаеа дека сме во право, но од друга страна, после 2008 година на самитот на НАТО кога добивме вето, од тој момент, единствен услов беше да се најде решение и од тој момент ѓаволот ја однесе шегата. До 2008 се повикувавме на времената спогодба од 95,’ но таа го искористи иструментот на вето и од тогаш бевме ставени во ќош и изолирани. Договорот од Преспа беше услов за првиот чекор напред, смета историчарот.

Тој нагласува дека постигнување на ваков договор меѓу две држави со кој се носи историска одговорност на своите плеќи, може да има само помеѓу двајца рационални и храбри политичари „кои нема да прават компромиси со болната вистина пред својата јавност, која 30 години била хранета со поинаква реторика“.

На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ кога би била на власт, би го почитувала Преспанскиот договор, Атанасовски смета дека можеби ќе се заобиколуваат некои одредби, но не верува дека самиот Договор може да пропадне од проста причина што самиот документ е историски компромис со меѓународни гарантори.

-И да дојде на власт ВМРО-ДПМНЕ, тие ќе имаат флоскула дека „Договорот е лош“, но знаат дека е потпишан со меѓународна гаранција и нема простор за рушење на тој договор. Коалиционите партнери се поддржувачи на Договорот и не верувам дека би дозволиле нови екскурзии“, вели историчарот Атанасовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот