Атанасов: Поднесов приговор до Универзитетската изборна комисија, доколку го усвојат ќе поднесам кривична пријава до нив (ВИДЕО)

Универзитетската изборна комисија на УКИМ ја објави официјалната листа на која се наоѓаат шест кандидати за ректор. Покрај актуелниот ректор, Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет, на изборот ќе учествуваат и професорите Јане Ацевски и Коле Василевски од Шумарскиот факултет, Драги Димитриевски од Факултетот за земјоделски науки и храна, Александар Димитров од Технолошко-металуршкиот факултет и Вујица Живковиќ од Факултетот за физичко образование.

Професорот Петар Атанасов реагира откако Универзитетската изборна комисија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) не му ја прифати кандидатурата за ректор на претстојните избори, додавајќи дека сè што се случувало околу овој избор на ректор и преземените активности од страна на Комисијата се незаконски, нестатутарни и скандалозни.

Во одлуката на Универзитетската изборна комисија се наведува дека професорот Атанасов нема поднесено комплетна документација бидејќи не можеле да пристапат до неговата Програма за работа која била заштитена со лозинка. Атанасов, пак, тврди дека тоа е негово уставно право.

Професорот Атанасов за „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ вели дека ова што се прави нема никаква основа и се работи за причини кои не се ниту административни а најмалку академски.

-Јас бараните документи за избор на ректор ги доставив на 8 јуни во печатена форма. И тука за Комисијата е се во ред. Но, истите документи требаше да се достават и електронски. И тоа го направив. Но, со тоа што го заштитв документот со мојата Програма. Притоа, во самата електронска порака напишав дека: Документот со мојата програма е заштитен, затоа што во овој момент не се јасни следните чекори во постапката. Во моментот кога Изборната комисија ќе соопшти како ќе продолжи постапката и ќе одлучи да ги разгледува документите, ќе ја доставам и лозинката. За ова имам цврсти докази. Од Комисијата ниту ми се јавија ниту побараа лозинка за документот. И покрај тоа што во пријавата се дадени и мојата е-маил адреса и мојот мобилен телефон. Единствената порака што ја добив од Комисијата по маил беше во неделата на 14 јуни, во 23:55 часот, со кој бараа да се изјасниме дали остануваме кандидати, без никакви други насоки, единствениот ден кога немаше вонредна состојба во целиот овој период, вели Атанасов.

Покрај претставка до ДКСК, Атанасов поднел приговор и доколку биде усвоен, ќе поднесе и кривична пријава.

Утрово поднесов приговор до Универзитетската изборна комисија, и сите шест членови на ИК доколку го усвојат мојот приговор, јас ќе поднесам кривична пријава до нив. Имам информации дека дел од службите на ректоратот присуствувале на седниците на комисијата и се мешале и влијаеле врз нивните одлуки. Тоа особено се однесува на генералниот секретар на УКИМ Марија Маневска, што како институција е директно под ректорот Јанкуловски.

Поднесов и Претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата, во која барам сегашниот ректор, поради судир на интереси и трговија со влијанија, очигледни во многу од овие постапки, да биде дисквалификуван од овој конкурс а целата постапка да се повтори според новите законски и статутарни одредби на УКИМ, вели универзитетскиот професор Петар Атанасов.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот